Европа
Путин добива над 3 илјади повици во минута
Секоја минута отворената телефонска линија прима 3.135 повици со прашања за рускиот претседател Владимир Путин, објави во петокот неговиот портпарол Дмитриј Песков, и според него тоа претставува осум пати повеќе отколку минатата 2014 година.
„Продолжува извонредно високата активност на граѓаните во поглед на поставување на прашања на ‘Директната линија’. Го регистриравме максималниот број повици во минута од 3.135. Станува збор за минутна активност. До 18 часот (по московско време во петок, 16 часот по македонско) примивме 280.404 повици“, изјави за руските медиуми портпаролот на Кремљ.
Според Песков, примени се и 4.571 ММС и 58.791 СМС пораки, а има и повеќе од 210 видео повици. Со тоа, додаде, повеќекратно е надмината активноста на руските граѓани кои сакаат да добијат директен одговор од претседателот Путин во споредба со 2014 година.
Додаде дека жените се позаинтересирани, 57 отсто од сите повици чиј прием започна во четвртокот 9-ти април, отпаѓаат на нив.
Рускиот претседател Владимир Путин на 16-ти април ќе го одржи својот традиционален дијалог со руските граѓани во рамките на ткн „директна линија“, што ќе биде директно емитувани на три телевизиски канали и три радио станици.
Традиционалните телевизиски „директни линии“ започнаа во времето на првиот претседателски мандат и првата се одржа на 24-ти декември 2001 година. Рекордно траење „линијата“ имаше во 2013 година, кога траеше 4 часа и 47 минути.
Последната се одржа на 17-ти април 2014 година, една седмица по започнувањето на воениот конфликт во русофонскиот исток на соседна Украина, и еден месец откако црноморскиот полуостров Крим со референдум се присоедини кон Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија. Таа траеше 3 часа и 5 минути во кои Путин одговори на 81 прашање, од кои 35 беа посветени на Крим и ситуацијата во Украина.
Како што појаснуваат од Кремљ, претседателот претходно не може да знае какви прашања ќе бидат поставувани, но оти Путин обично ги одбира оние кои најмногу ги интересираат руските граѓани но и меѓународната јавност. Потоа бара од министерствата исцрпни информации кои ќе се употребат како одговори на прашањата, а се составува и листа на одговори кои се испраќаат./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.