Европа
Путин ги обвини САД за контакти со исламистите на Кавказ
Рускиот претседател Владимир Путин во документарниот филм „Претседател“, прикажан на руската државна телевизија во неделата, ги обвини САД дека одржуваат директни контакти со исламистичките екстремисти на северен Кавказ, како и дека им испраќаат помош, особено во логистиката.
На почетокот од 2000 година, „руските безбедносни служби открија директни контакти“ меѓу исламистите од северен Кавказ и претставниците на американските разузнавачки служби во Азербејџан, поранешна советска република на југот од Кавказ, истакна рускиот претседател Владимир Путин во документарниот филм.
Филмот беше емитуван на каналот Россия 1 по повод 15-годишнината од доаѓањето на Владимир Путин на претседателската функција. Во 2012 година тој повторно надмоќно по третпат беше избран за претседател, а во периодот од 2008 до 2012 година ја извршуваше премиерската должност.
За информациите добиени од руските тајни служби, Путин го информирал тогашниот американски претседател Бил Клинтон, кој, како што вели рускиот челник, одговорил дека „ќе им ги вцрви газовите“.
„Меѓутоа, по десет дена моите подредени, челниците на Федералната служба за безбедност (ФСБ), примија порака од колегите од Вашингтон во која стоеше: ‘Одржуваме и ќе продолжиме да одржуваме односи со сите опозициски руски сили. Проценуваме дека на тоа имаме право и имаме намера така и да продолжиме’“, рече Путин.
„Постојат личности, особено во редовите на тајните служби на западните земји коишто веруваа дека имаат полза од дестабилизирање на својот главен геополитички противник, а сега знаеме дека тоа за нив претставува Русија. Но се покажа дека тоа не е вистина“, додаде рускиот претседател.
„Во ниеден случај, никогаш и на ниту еден начин, не треба да се прават обид да се искористат терористите за решавање на сопствените политички задачи или геополитичките прашања“, порача Путин.
Руските безбедносни сили на 20-ти април објавија дека во операција го ликвидирале командантот на исламистичките бунтовници од ткн Емират Кавказ на Северен Кавказ, 43-годишниот Алиасхаб Кебеков, познат како Али Абу Мухамад, а покрај него во судирот во Бујканската област биле убиени уште четворица исламисти, од кои уште двајца командувале со поголеми бунтовнички групи.
На интернет страницата на исламските милитанти, беше објавено е дека Кебеков страдал со „маченичка смрт“ во „нерамноправна борба“ со владините сили. Руските власти по Кебеков распишаа потерница во 2012 година, поради „организирање или учество во нелегални вооружени групи“.
Кебеков стана главен командант на радикалната исламистичка група Емират Кавказ, во која се борат и исламисти од други краеви на светот е прогласена за меѓународна терористичка организација, во почетокот од 2014 година, откако руските безбедносни сили го елиминираа неговиот претходник и најбараниот терорист во Русија, Доку Умаров./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.