Европа
Путин и Ердоган разговараа за воспоставување целосни дипломатски односи
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган разговараа во саботата вечерта, пред почетокот на самитот на челниците на земјите од групата Г20 во кинескиот град Хаунгжу, за воспоставување целосни дипломатски односи по неочекуваното помирување во јуни по повеќемесечната дипломатска криза меѓу двете земји по турското соборување на руски бомбардер на сириската граница ланскиот ноември.
„Пред нас има уште многу работа за во целост да ја обновиме соработката на сите полиња. За тоа денеска ќе разговараме“, изјавил Путин на средбата со Ердоган во градот на истокот од Кина.
„Турција преживува тежок период, се бори со тероризмот и со тешките терористички злосторства. Но сигурен сум дека соработката ќе можеме да ја продолжиме кога потполно ќе ја нормализирате ситуацијата во земјата“, истакнал рускиот претседател.
Ердоган оценил дека двајцата мора да однесат „некои мерки“ поради „продолжувањето на соработката“ меѓу Москва и Анкара на енергетски план, по договорот постигнат кон почетокот на август повторно да се поттикнат работите на проектот на гасоводот Турски тек кои беа суспендирани поради дипломатската криза.
Ова е втора средба меѓу Путин и Ердоган за неполн месец, по нивното неочекувано помирување кон крајот на јуни што го овозможи извинувањето на турскиот претседател за уривањето на рускиот бомбардер кон крајот на ноември 2015 година, што предизвика голема дипломатска криза и размена на тешки обвинувања меѓу двете земји.
Ердоган на почетокот од август се сретна со Путин во Санкт Петербург, три седмици по неуспешниот обид за воен преврат во Турција од 15-ти јули, по коишто следат големи чисти во многу сфери, коишто Русија, за разлика од западните сојузници на Анкара не ги критикува. На тој економски форум, Ердоган вети дека проектот Турски тек ќе биде реализиран „што е поскоро можно“.
Русија, која по уривањето на бомбардерот, воведе економско ембарго за Турција особено болни во областа на туризмот, повторно дозволи продажба на туристички аранжмани за Турција, а првите чартер летови беа реализирани веќе во петокот./крај/мф/сн
Извор: ТАСС
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.