Европа
Путин нападите на Луганск и Донецк ги спореди со нацистичката опсада на Ленинград
Рускиот претседател Владимир Путин ги спореди во петокот операциите на украинската армија околу побунетите источни градови Луганск и Донецк со нацистичката опсада на Ленинград (денешен Санкт Петербург) и го повика Западот да ги принуди Киев на содржински преговори со претставниците на југоисточните украински региони каде мнозинство е рускојазичното население за да се постигне мир.
„Неопходно е да се присилат украинските власти да ги започнат тие преговори, но не за техничките прашања (…) разговорите мора да бидат содржински“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во излагањето на форум „Салигер“ на млади во близина на Москва. „Мора да се разговара за тоа какви права ќе има населението во Донбас, Луганск, целиот југоисток на земјата во рамките на современите цивилизирани правила“, истакна Путин.
Рускиот претседател, исто така, истакна и дека воената операција што ја спроведуваат властите во Киев во источна Украина, каде што силите лојални на прозападните власти се борат веќе петти месец да ја преземат контролата од проруските бунтовници околу градовите Донецк и Луганск, потсетува на нацистичката опсада на Ленинград во текот на Втората светска војна.
„Малите села и големите градови опкружени со украинска војска којашто директно ги гаѓа станбените населби со цел да ја уништи инфраструктурата (…) Тоа тажно ме потсетува на настаните во текот на Втората светска војна кога германските фашистички окупатори ги опколија нашите градов“, порача Путин.
Рускиот претседател изјави дека одлуката на Киев да не го користи „хуманитарниот коридор“, кој по негова сугестија се подготвени да го отворат бунтовнциите во источна Украина, кој би овозможил повлекување на украинските војници кои се опколени, претставува голема грешка и дека може да доведе до големи човечки загуби.
Владимир Путин изјави дека украинската криза претставува огромна трагедија, како и дека „Украинците и Русите практично се еден народ“.
Истакна и дека Русија го заштитила а не го анектирала Крим како што тврди Западот и Киев, црноморскиот полуостров на кој мнозинство е руското население, кој по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович во март преку референдум ја поврати автономијата укината во 1990-те и изгласа присоединување на Руската Федерација. „Ние не го анкетиравме. Ние им дадовме можност на луѓето да го изразат својот став и го почитувавме“, тврди Путин.
Во подолгото обраќање до младите Руси, Путин зборуваше и за Арктикот при што истакна дека Москва мора да ја засили својата позиција, економски и воено, во овој регион богат со ресурси каде што и другите светски сили и земји се борат за свое влијание. „Нашите интереси се концентрирани на Арктик. Секако, треба да посветиме внимание на прашањата за развој на Арктикот и јакнењето на нашите позиции таму“, порача рускиот претседател. /крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.