Европа
Путин: Неприфатлив е секој обид за фалсификување на историјата
Кукавичлак, лицемерство и предавство претставуваат обидите да се фалсификува историјата и неприфатлив е секој обид за повторно нејзини испишување, порача во вторникот рускиот претседател Владимир Путин, на свеченоста во Москва во Еврејскиот музеј и центар на толеранција по повод 70-годишнината од ослободувањето на германскиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во присуство на претседателот на Федерацијата на еврејските општини во Русија, Алесандр Борода, поранешни логораши и ветерани од втората светска војна.
„Секој обид да се премолчуваат настаните, нивното искривување, повторното испишување на историјата е неприфатливо и неморално. Често зад тие обиди стои желбата да се сокрие сопствениот срам, срамот поради кукавичлакот, лицемерството и предавството, да се сокрие премолчено соучесништвото, пасивно или активно, со нацистите“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Рускиот претседател не учествува на одбележувањето организирано во Полска, иако таму беше во 2005 година, бидејќи не доби официјална покана, соопшти претходно Кремљ. Официјална Варшава, пак, тврди дека не испратила официјална покана никому , како и дека многу шефови на земји и влади се присутни на одбележувањето на овој нацистички логор кој го ослободила Црвената армија на 27-ми јануари 1945 година.
Минатата седмица Русија ја обвини Полска за ширење антируска хистерија, откако шефот на полската дипломатија изјави дека Украинците а не Црвената армија го ослободиле Аушвиц, што наиде на потсмев и во полските медиуми.
„Седумдесет отсто од борците и офицерите на Црвената армија биле Руси“, потсети во вторникот Путин.
Путин не ја пропушти можноста да направи споредување со актуелните случувања во украинскиот судир. „Сите знаеме колку е опасно и деструктивно да се имаат двојни стандарди, да се биде рамнодушен кон судбината на поединци, како што тоа е денес случај со трагедијата на југоистокот од Украина каде ладнокрвно веќе со месеци се убиваат цивили“, го цитираат медиумите рускиот претседател.
Главниот рабин на Русија, Берел Лазар, на церемонијата во Москва откако ја прочита молитвата за спомен на жртвите на холокаустот, исто така, порача дека е неопходно да се отфрлат сите обиди за рехабилитација на фашизмот и одново да се испишува историјата, пренесува РИА Новости.
„Доколку 9-ти мај (Денот на победата над фашизмот) се празнува со солзи во очите, тогаш 27-ми јануари е ден на тагата со благодарност на усните (…) Првенствено ние треба да му заблагодариме на Бога што го спаси нашиот народ, тоа беше чудесно спасение… Но Бог често прави чуда преку луѓето. Ние ќе им бидеме вечно благодарни на војниците на Црвената армија“, изјави Александр Борода, претседател на Федерацијата на еврејските општини.
Истакна дека еврејската заедница во Русија се ангажира за продолжувањето на сеќавањето на холокаустот и на ослободителите на концентрациониот логор, и во таа чест подигнува спомен обележја не само на местата на масовните егзекуции на Евреите, туку и на другите народи.
„Тоа е нашата заедничка цел – да се зачува сеќавањето на жртвите, и на тој начин да се одвратат сите обиди за ревидирање на исходот од Втората светска војна. А денес во разни земји, за жал, се случува хероизација на нацистите“, истакна рабинот Лазар./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.