Европа
Путин: Русија ќе ја зајакне својата безбедност поради новите закани
Русија ќе продолжи да ја јакне својата безбедност со подобрување на воената организација и преку соработка со земјите коишто тежнеат кон мир, порача рускиот претседател Владимир Путин, а истовремено заменикот министер за одбрана Анатолиј Антонов предупреди дека Западот ги користи „сите можни средства“ да создаде лажна претстава за активностите во руските вооружени сили, пренесуваат во четвртокот руските медиуми.
„Денес можеме да видиме дека некои земји сé повеќе ја трансформираат својата политика кон неограничените превентивни активности со офанзивен карактер. Како резултат на тоа, во регионите стратешки важни за Русија се зголемува можноста од избувнување конфликти. Се јавуваат закани, кои не смееме да ги превидиме“, изјави рускиот претседател Владимир Путин на церемонијата на унапредување високи офицери во Кремљ.
„Поради тоа, Русија ќе продолжи да ја зајакнува својата безбедноста, првенствено преку подобрување на својата воена организираност, и активна соработка со земјите коишто имаат аспирации за мир, стабилност и развој“, порача рускиот челник.
Од друга страна, заменикот министер за одбрана Анатолиј Антонов во интервју за телевизијата Россия 24, рече дека западните земји вложуваат големи напори да добијат информации за состојбите во руската армија и сосема поинаку да ги претстават. „За жал, нашите западни колеги ги користат сите можни средства за да ги искриват информациите за активностите на руската армија“, рече.
Според него, војната со информациите започнала многу пред настаните во Украина, и во неа ја инволвирале Русија. Антонов, исто така, истакна дека НАТО ги користи судирите во Украина за да го оправда своето постоење.
„Разбираме дека во моментов Северноатлантската алијанса мора да ја докаже целта на своето постоење. Доколку не беше Украина, тогаш тоа ќе имаше друга причина за да се обидат да ја притискаат Русија со цел да изнајдат нов непријател и со тоа да покажат дека НАТО е неопходен“, рече Антонов.
Истакна дека актуелното влошување на политичката ситуација во Европа „му овозможува на НАТО да преживее, инаку во Европа ќе нема потреба од НАТО“.
Антонов, исто така, ги обвини западните сојузници дека со нивното тврдење оти Русија се појавила на границите на Алијансата, всушност прават обид обратно да ја претстават вистината. Истовремено вели дека Русија „сосема спокојно“ одговара на вежбите на НАТО во близина на нејзините граници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.