Европа
Путин задоволен од примирјето во Донбас, два руски авиона со помош за Сирија
Рускиот претседател Владимир Путин го поздрави во саботата почитувањето на прекинот на огнот во одметнатите рускојазични региони во источна Украина, а истовремено два руски авиона со хуманитарна помош слетале во Русија, во времето кога САД изразуваат „загриженост“ поради наводното руско воено присуство во Сирија.
Изјавата на рускиот претседател Владимир Путин се толкува како ублажување на неговата реторика, откако често ги критикуваше прозападните власти во Киев дека не го применуваат мировниот договор од февруари постигнат во белоруската престолнина Минск.
„Охрабрувачки е што вооружените сили и таканаречените доброволни баталјони на Украина престанаа со гранатирањата на Добнас. Мислам дека тоа денеска е најголемото достигнување“, изјави Путин во кримскиот град Херсон, каде што престојува неколку дена со својот личен пријател поранешниот италијански претседател Силвио Берлускони.
На некои коментари од новинарите за повиците од Донбас, и овој регион како во март 2014 година црноморскиот полуостров Крим што предизвика реакции на Западот кој одговори со санкции против Русија, да се присоедини кон Руската Федерација, Путин изјави дека станува збор за сериозни прашања кои се однесуваат на судбини на луѓе, како и дека „тоа не се решава на улица“.
„Ние со целата душа и срцето сме со Донбас, но, за жал, овие прашања не се решаваат на улица. Тоа се сериозни прашања, кои се однесуваат на судбината на цела Русија и луѓето коишто живеат во Донбас“, рече Путин.
Во меѓувреме во саботата два руски авиона кои превезувале хуманитарна помош слетаа во Сирија, известија медиумите. Авионите слетале во меѓународниот аеродром во Латакија со 80 тони хуманитарна помош од Русија за сирискиот народ, прецизираше сириската државна новинска агенција SANA.
Русија повторно оваа седмица потврди дека испраќа воена опрема за армијата на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, којашто од март 2011 година се бори на три фронта – против сунитската вооружена опозиција која ја поддржуваат и вооружуваат Западот, Турција и сунитските арапски земји, против радикалната групација Џенхат ан-Нусра, која е сириско крило на Ал Каеда, и џихадистичката Исламска држава.
Москва решително негираше дека во воена база крај Латакија донела своја опрема и војници, како што обвинува Вашингтон, потсетувајќи дека токму САД на сириска територија вршат бомбардирања против џихадистите без мандат од Советот за безбедност при ОН или во договор и координација со официјален Дамаск./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.