Европа
Расмусен: Тврдењата на Москва се „шупливи“
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, ги повторил обвинувањата дека руски трупи учествуваат во судирите во Украина и најави тесна соработка на Алијансата со Киев.
„Соочени сме со сериозна ескалација, а руските воени сили и оружје илегално влегуваат во Украина“, истакна Расмусен пред новинарите по вонредниот состанок со претставниците на Украина кој се одвива во седиштето на НАТО во Брисел и кој беше закажан на барање на украинската страна.
Тој, наводите на Москва дека во воените акции во Украина не учествуваат руски трупи, ги окарактеризира како „шупливи“ и ја обвини Русија дека веќе со месеци работи на дестабилизација на Украина.
„Руската војска директно учествува во воените операции и со себе носи тенкови, оклопни возила и ракетни лансери, а руската артилерија дејствува од двете страни на украинската граница“, истакнал Расмусен и додал дека на границата со Украина се наоѓаат десетици илјади руски војници.
„Станува збор за кршење на меѓународното право кое директно ги поткопува дипломатските напори за смирување на ситуацијата“, истакна генералниот секретар на НАТО.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, претходно изјави дека обвинувањата од Западот на сметка на Русија се неосновани и дека нема доказ со кој би се потврдило учество на Русија во воените акции во Украина.
Расмусен на конференција за новинари во седиштето на НАТО најави поддршка на членките на Алијансата за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и истакна дека ќе биде формиран посебен фонд за помош на украинските одбрамбени сили во логистика, организирање командни синџири, заштита на компјутерски системи и санитетски материјали.
Тој, меѓутоа, не се изјасни по однос на најавите на Киев дека Украина ќе побара да биде примена во НАТО Алијансата.
„Секоја земја има свое суверено право да ја дефинира политиката на одбраната и сама да одлучува за воените сојузи“, нагласи Расмусен додавајќи дека Украина сé уште официјално немала побарано прием во овој воен сојуз.
„Доколку украинскиот парламент ја промени својата претходна одлука за незаземање страна и побара членство во НАТО, ние тоа барање ќе го почитуваме, а тоа очекуваме да го направат сите“, рекол генералниот секретар на НАТО нагласувајќи дека земјите кандидати, освен желба за членство, мора да исполнат и низа технички и политички услови./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.