Европа
Ренци потврди најмалку 120 мртви во потресот
Во силниот земјотрес кој во средата рано утрото ја погоди централна Италија загинале најмалку 120 луѓе и голем број се водат како исчезнати, изјави вечерта италијанскиот премиер Матео Ренци на прес-конференција.
„Најмалку 120 животи се уништени, но тоа не е конечниот број“, изјави Ренци во Рието, недалеку од настраданото подрачје, каде што накусо се појави пред прес-конференцијата. Италијанскиот премиер додаде дека уште 368 луѓе се повредени.
Ренци додаде дека 86 жртви се во регионот Лацио,а 34 во Марке, но предупреди дека е можно бројката да се зголеми. Само во Марке има 1.500 луѓе
Претходно информативната телевизија RAI News објави дека според сознанијата добиени од локалните власти бројот на жртвите моментално изнесува 129, како и дека околу сто луѓе се сметаат за исчезнати.
Италијанските медиуми пренесуваат дека во Арквата дел Тронто е спасено 18-месечно бебе, од една викендичка, чијашто мајка прежувувајќи го земјотресот од април 2009 година во Аквила со 300 жртви поради страшното искуство одлучила да се пресели во Асколи.
Во потресот со магнитуда од 6,0 според Рихтер кој разори најмалку три села во планинскиот предел североисточно од Рим, уништени се десетици објекти под чиишто урнатини има затрупано голем број луѓе, извести цивилната заштита, без прецизирање на бројката. Потрагата по исчезнатите трае и натаму и покрај темницата.
Земјотресот кој се случи во средата во 3,36 часот е најголемиот во Италија по 20-ти мај 2012 година, кога земјотресот со магнитуда од 6,0 меѓу Модена и Ферара однесе 25 животи.
Еден час по главниот удар следел уште еден со магнитуда од 5,4, како и педесетина кои можеле да се почувствуваат./крај/мф/сн
Извор: Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.