Европа
Русија и Украина ги разменија заробениците, на размената се приклучија и бунтовниците
Украина ја предаде групата од десет руски падобранци заробени на нејзина територија, а Русија ги врати 63-цата украински војници кои на 27-ми август преминаа на руската територија, додека проруските бунтовници од Донецк соопштија дека ноќта кон неделата на украинската страна и’ предале 223 заробени војници и припадници на Националната гарда.
Рускиот генерал Алексеј Рогозин изјави дека падобранците за кои Москва тврди на по грешка заталкале на украинска територија при рутинско патролирање по должина на границата, се предадени по „многу тешки преговори“, и како што оцени „неприфатливото доцнење“, пренесува РИА Новости.
Киев минатата седмица зароби десет руски падобранци и ги претстави пред медиумите како наводен доказ дека руската војска се бори на страната на проруските бунтовници во Украина.
Во замена за руските падобранци, Москва предаде 63 украински војници коишто во средата навлегоа на територијата на Руската Федерација,
Истовремено претставници на самопрогласената Народна Република Донецк соопштија дека за време на судирот во областа Старобешево, во југоисточниот дел од донецката област, уништиле два тенка и две оклопни возила на Националната гарда на Украина и притоа разоружиле 198 украински војници. Во истите судири биле ослободени уште осум населени места и бунтовниците своите позиции ги зацврстуваат на нови локации во продолжување на нивното територијално напредување кон југоистокот.
„Во текот на ноќта од 30-ти кон 31-ви август, силите на милициите почитувајќи го прекинот на огнот на украинската страна и’ предадоа 223 заробени украински војници и припадници на Националната гарда“, се вели во соопштението на самопрогласените бунтовнички власти.
Политичарите во Киев и во Москва се надеваат дека размената на заробениците ќе ги ублажи тензиите меѓу двете земји по острата ескалација на судирите откако бунтовниците минатата седмица преземаа контраофанзива за да го осуетат спроведувањето на новата воена стратегија на украинскиот претседател Петро Порошенко. Со неа украинските сили требаше да ги отцепат самопрогласените републики во Луганск и во Донецк од руската граница , како и да биде прекината меѓусебната поврзаност, со што ќе беа ставени во целосно опкружување.
И покрај сомневањата и обвинувањата за директна воена вмешаност во Украина, Русија упорно го негира своето присуство во украинската криза, којашто Москва ја нарекува „внатрешно украинска“. НАТО во четвртокот ја обвини Русија дека испратила илјада свои војници на украинската територија, како и дека натрупала околу 20 илјади војници на границата. Поради ескалацијата на кризата на вонредната седница во петокот НАТО ја остави можноста за отворање на вратата на Украина за постапка за нејзино зачленување во Алијансата и ја повика Русија да „ги прекине незаконските воен активности во Украина со кои очигледно го крши суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.