Европа
Русија на Крим разместува најмодерни противракетни и противвоздушни системи
Руската армија објави во петокот дека на црноморскиот полуостров Крим ќе ги размести најмодерни противракетни и противвоздушни системи С-400 „Триумф“, на полуостровот каде мнозинското руско и рускојазично население по смената на власта во Киев во 2014 година на референдум си ја поврати укинатата автономија и изгласа присоединување кон Руската Федерација, што Западот го смета за илегално руско анектирање на украинска територија.
Сега воздушната одбрана на полуостровот ја обезбедува комплекс од претходната генерација С-300.
Системите ќе бидат трајно поставен ви август следната година на Крим, изјави за агенцијата РИА, еден од командантите на воздушната одбрана потполковникот Евгениј Олејников.
„С-400“ е најмодерниот противвоздушен и противракетен систем за одбрана, со дострел од 400 километри. Ист систем руската армија размести и во воздухопловната база „Хмејм“ во централна Сирија. Системите „С-400“ ќе бидат разместени и во главните поморски бази на руската морнарица на Далечниоt исток, во градовите Влaдивосток и Вилиучинск на Камчатка.
Русија на состанокот на Советот НАТО – Русија кој се одржа во средата во Брисел, ја предупреди Алијансата за негативните последици од нејзините воени активности во регионот на Црното Море.
На самитот на НАТО во Варшава минатата седмица, во заедничка изјава НАТО и Украина изразија загриженост во врска со наводни планови на Русија за зголемување на своето воено присуството во регионот на Црното Море. Од своја страна Москва одговори дека нејзините планови се поврзани и претставуваат одговор на плановите на НАТО за создавање постојна флота на Алијансата во Црното Море.
Според Конвенцијата од Монтре од 1936 година, земјите што немаат излез на Црно Море не смеат на таа територија да ги задржуваат своите воени бродови подолго од 21 ден. Според тоа, постојано присуство на земји на НАТО во водите на Црното Море може да си дозволат само Бугарија, Романија и Турција. Притоа бугарските челници изјавија дека не сакаат да ѝ се приклучат на флотата на НАТО, за да не се милитаризира црноморскиот регионот, додека другите две членки Турција и Романија, како и нечленката Украина сакаа создавање ваква флота на западната алијанса.
Седиштето на руската Црноморска флота историски е во Севастопол./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.