Европа
Руски ракетен брод принудил турски да го смени курсот во Црното Море
Неидентификуван трговски брод кој пловел под турско знаме ги нарушил меѓународните правила и спречил дислокација на нафтена платформа по што патролен чамец на крајбрежната стража и ракетен брод на Црноморската флота го принудиле да го промени курсот, соопшти во понеделникот руската компанија „Черноморнефтегаз“ за чија платформа станува збор.
Два система за дупчење во сопственост на споменатата државна руска нафтена компанија, поради сложената ситуација во врска со украинската криза биле преместени од наоѓалиштето на природен гас кај црноморското украинско пристаниште Одеса во руските територијалните води, пренесуваат руските медиуми.
Според компанијата, при операцијата на преместување на постројките за дупчење на морското дно на патот на конвојот влекачи се појавил „неидентификуван трговски брод под турско знаме“.
„Постапувајќи спротивно на меѓународните прописи за спречување на судири на бродовите на море и општоприфатените норми за поморска пловидба, турскиот брод не отстапи од курсот на конвојот и се обиде да застане на неговата рута предизвикувајќи опасна ситуација. При воспоставување радиоврска, капетанот на турскиот брод не договори на барањето“, се вели во соопштението на „Черноморнефтегаз“.
„Недоразбирањето“ било надминато со ангажирање на вооружен патролен чамец на руската погранична служба и ракетен брод коишто го принудиле бродот кој пловел под турско знаме да го промени курсот и да овозможи безбедно пловење на конвојот на руската компанија.
Ова е втор поморски инцидент во последните два дена во кој се инволвирани турски и руски бродови по избувнувањето на тензиите меѓу Москва и Анкара, поради уривањето на рускиот бомбардер „Су-24М“ во близина на сириско-турската граница на 24-ти ноември, од страна на турски ловци „F-16“.
Во неделата руското министерство остро реагираше и ја предупреди Турција за можните последици од несовесните дејствија на официјална Анкара, откако рускиот разурнувач „Сметливиј“ бил принуден да истрела предупредувачки плотуни во Егејско Море за да избегне судар со турски брод./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.