Европа
Саркози бега од сојуз со социјалистите, тие го поддржуваат
Челникот на десноцентристичката партија Републиканци (порано UMP) и поранешен француски претседател (од 2007 до 2012-та), Николас Саркози, сега во опозиција, во понеделникот потврди дека нема да формира сојуз со владејачката Социјалистичка партија на актуелниот претседател Франсоа Оланд, пред вториот круг од регионалните избори на 13-ти декември, но сепак премиерот Мануел Валс во понеделникот вечерта ги повика приврзаниците на владејачката партија да ги поддржат кандидатските листи на републиканците за да се спречи тоталниот пресврт на француската политичка сцена и убедлив историски триумф на партијата од крајната десница Народен фронт, предводена од Марин Лепен.
„Кога се сака татковината, не се колеба и се оди до крај. Во такви моменти не треба да се придржува до ништо, туку да се задржи достоинството, да се биде на нивото на предизвикот, а станува збор за републиката“, изјави францускиот премиер Мануел Валс, говорејќи во понеделникот вечерта на телевизијата F-1, потврдувајќи ја одлуката во следните пет години Социјалистичката партија воопшто да не биде застапена во некои регионални совети.
Овој апел на Валс во прв ред се однесуваше на социјалистичкиот кандидат Жан-Пјер Масере, во источниот регион, кој сепак реши да остане во изборната трка, иако кандидатите на Социјалистичката партија на југоистокот и северот се повлекоа. Токму него Мануел Валс го повика да биде „на висина на задачата и да ја поддржи републиката“.
Коментирајќи го отфрлањето на Николас Саркози да се формираат заеднички листи во вториот круг или традиционално да се повлече една од листите на конзервативците или на социјалистите за да се оневозможи победата на крајната десница којашто овие две партии ја сметаат за „нерепубликанска“, Валс ја критикуваше позицијата на поранешниот шеф на државата нарекувајќи ја „неодговорна“.
Премиерот ги повика симпатизерите на Социјалистичката партија да го поддржат десниот центар во оние региони во коишто уверливо води Националниот фронт, а социјалистите не освоија доволен број гласови за сериозно да конкурираат во вториот изборен круг.
Како што прецизираше Валс, станува збор за северниот регион Нор-Па-де-Кале-Пикарди, каде што во првиот круг уверливо победи челничката на Националниот фронт, европратеничката Марин Лепен, освојувајќи 40,64 отсто од гласовите. Истото важи и за јужниот регион Прованса-Алпи-Азурен брег, каде исто така во убедливо водство е нејзината внука Марион Марешал-Лепен, пратеничка во Националното собрание, со освоени 40,55 отсто од гласовите. Трет таков регион е обединетиот регион „Голем исток“ (Шампањ-Ардени-Алзас-Лорен), каде потпретседателот на Националниот фронт, Флориан Филипо освои 35,06 отсто од гласовите.
„Апелирам да се гласа за кандидатите на Републиканците, против крајната десница, кои не треба да победат“, истакна францускиот премиер Валс.
Од друга страна, Саркози речиси истовремено, во програмата на телевизијата France-2, уште еднаш истакна дека неговата партија воопшто нема намера да прави сојуз со социјалистите.
„Левите ја донесоа својата одлука слободно и демократски. Го почитувам тоа. Но тоа е нивен избор, ние ништо не баравме од нив, и меѓу нас нема договор. Убеден сум дека ние сме единствената сила којашто може да ја обедини земјата“, рече Саркози.
Првиот круг од регионалните избори во неделата, последна проверка пред парламентарните и претседателските избори кои ќе се одржат во 2017 година, мина во знак на историскиот резултат на Националниот фронт кој води во 6 од 13 региони, освојувајќи на национално ниво 27,73 отсто од гласовите, а во споменатите три региона има големи шанси за победа, иако пред изборите се сметаше дека огромен успех ќе претставува дури и ако освои еден регион. Најголемата опозициска партија – Републиканци, води во 4 региони со вкупно 27,25 отсто од гласовите. Најголем губитник е владејачката на државно ниво Социјалистичката партија која досега ја имаше власта во сите досегашни 22 региони по изборите од 2010 година кога беше во опозиција, освојувајќи на национално ниво во неделата 23,43 отсто и води во 2 региона. На Корзика во водство е коалицијата од левите партии и се смета дека е сигурен победник. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.