Европа
Се бара пет години затвор за Берлускони за мито
Државното обвинителство во Неапол побара во средата петгодишна затворска казна за поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, обвинет за подмитување на еден италијански сенатор, објавија италијанските медиуми повикувајќи се на судски извори.
Според изворите на коишто се повикува агенцијата Agi, судот таквата пресуда би требало да ја изрече на 8-ми јули. Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони може да вложи жалба, доколку биде осуден, што веќе го стори повеќепати во минатото.
Државното обвинителство, исто така, побарало и затворска казна од четири години и четири месеци за Валтер Лавитола, близок на Берлускони, кој наводно му ги предал парите на сенаторот.
Берлускони е обвинет дека на поранешниот сенатор Серџо Де Грегорио од IMV, по парламентарните избори во 2006 година, кога тесно победи коалицијата на Романо Проди која располагаше со тесно мнозинство во Сенатот, му платил три милиона евра да премине од малата партија Италија на вредностите во редовите на десниот центар кој го водеше Берлускони и чијшто сенатор и самиот беше. Партискиот трансфер на Де Грегорио ја поткопа тогашната влада на премиерот Романо Проди и придонесе за нејзино паѓање во 2008 година, а следните избори ги доби десната коалиција предводена од Берлускони.
Во овој случај му се суди и на Лавитола, новинар и поранешен советник на Берлускони, кој наводно ја имал улогата на посредник во подмитувањето на сенаторот. Лавитола првпат беше под истрага во 2011 година, но ја напушти Италија и отпатува за Јужна Америка, По осум месеци бегство се врати во земјата во април 2012 година и веднаш беше уапсен на аеродромот.
Лавитола на сослушувањето кон крајот на октомври 2013 година изјави дека дури и доколку тој пренел пари, како што е обвинуван, „не постои доказ дека сум можел да знам дека тоа се пари за поткуп, јас бев само посредник“. Меѓутоа самиот сенатор посочи на истото сослушување не дека Лавитола „беше посредникот на Берлускони кој ми ги донесе парите“. Сенаторот Де Грегорио за соработка со истрагата доби 20-месечна казна по барање на истражните органи во Неапол. Тој призна дека примил два милиона евра во готово и уште милион евра за своето политичко движење „Италијанците во светот“.
Медиумскиот магнат Берлускони, и покрај повеќето судски процеси поведени против него, е осуден само за затајување данок и меѓу мај 2014 и март 2015 година наместо затворска казна поради возраста извршуваше општествено полезна дејност во дом за стари лица во Милано./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.