Европа
Шест цивили загинаа во борбите за Донецк, уште 12 украински војници пребегаа во Русија
Шест цивили загинаа а 13 се ранети во последните 24 часа во нападите на украинската армија којашто се обидува да навлезе во градот Донецк кој повеќе од четири месеци е под целосна контрола на проруските бунтовници кои не ги признаваат властите во Киев и прогласија ткн Народна Република Донецк.
Жртвите настрадале во населбата Петорвска, во југозападниот дел на Донецк, изјави заменикот на градоначалникот Константин Савинов.Репортерот на AFP од местото на нападот пренесува дека во саботата навечер видел неколку станбени згради и училишта уништени од артилерискиот оган на украинската армија. Репортерот на Reuters, пак, од центарот на Донецк јави дека гранатите одекнувале целата ноќ и дека чадот од запалените згради се ширел сѐ до центарот на овој град во источна Украина. Украинската армија во Киев соопшти дека освоила три четвртини од областите кои во Луганск, каде се убиени три цивила, и во Донецк го држеа проруските бунтовници во обидот на ги стават во опсада овие два важни индустриски центра каде рускојазичното население прогласи „народни републики“. Меѓутоа, агенциите известуваат дека бунтовниците даваат жесток отпор и им нанесуваат значителни загуби на украинските единици.Во меѓувреме Итар-Тасс јави дека уште 12 украински војници во неделата го положиле оружјето и ја минале руската граница. „Војниците го положија своето оружје и минаа на територијата на Руската Федерација кај граничниот премине ‘Гуково’ (каде во неделата набљудувачите на ОБСЕ беа сведоци на гранатирање од украинска страна). Во моментов тие ги објаснуваат причините за она што го сторија“, изјавил за агенцијата претставник на пограничната управа на Федералната служба за безбедност (ФСБ) за Ростовската област. Додал дека станува збор за припадници на 72-та моторизирана бригада на украинската армија. Двајца украински граничари, пак, исто така минале на руска територија и побарале руско државјанство.На 27-ми јули, покрај повеќето поединечни примери, се случи најмасовното преминување на украински војници на територијата на Русија, кога 41 војник ги напушти своите единици и од бунтовниците побараа да им помогнат да дојдат до руската територија кај истоимениот руски град Донецк.Според извори од руските безбедносни служби на Итар-Тасс, украинските војници кои кон крајот на јули преминаа во Русија изјавиле дека „не сакаат да војуваат против сопствениот народ“. Повеќето од нив биле мобилизирани во Украина и побарале преку Русија да се вратат во татковината, и покрај тоа што таму ги очекува повикување на одговорност поради дезертирање./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.