Европа
Словачката полиција спречи собир против доселениците
– Aнтиимигрантски протест во Трнава
Словачката полиција во вторникот вечерта спречи одржување на собир на крајната десница против прифаќањето на имигрантите, извести дописникот на AFP.
Словачката полиција во вторникот вечерта спречи одржување на собир на крајната десница против прифаќањето на имигрантите, извести дописникот на AFP.
На неколку стотици демонстранти, приврзаници на крајната десница според агенцискиот извештај, им бил забранет влезот во селото Габчиково, јужно од словачката престолнина Братислава. Во ова село имено наскоро треба привремено да бидат сместени околу петстотини бегалци, врз основа на договорот со соседна Австрија каде што во моментов престојуваат.
Полицијата интервенирала со образложение дека во вторникот во Габчиково се одржува противпожарна и спасувачка вежба, изјавила за AFP портпаролката на полицијата, Мартина Кредатусова.
Во неделата населението од ова село на референдум со големо мнозинство се изјасни против прифаќањето на бегалците од Блискиот исток.
Во вторникот малку претходно околу двесте луѓе во Трнава, на западот од Словачка, демонстрираа против доаѓањето на мигрантите. Мариан Котлеба, челник на партијата од радикалната десница Наша Словачка не успеа да се појави на собирот, бидејќи полицијата го привела поради сослушување.
Во градот Трнава се собрале и неколкумина противници на протесниот собир. „Се срамам поради вас“, пишувало на еден транспарент. Меѓутоа, учесниците на антиимгрантскиот собир му го одземале транспарентот на 24-одишниот студент и го уништиле./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.