Европа
Случај задушени бегалци во Австрија: камионот имал унгарски таблички, Меркел потресена
Камионот кој беше откриен во Австрија со тела на десетици имигранти имал унгарски регистарски таблички, објавија властите во Будимпешта, а истовремено во Виена германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е потресена од најновата бегалска трагедија.
Камионот во кој се задушиле меѓу 20 и 50 имигранти, засега австриското министерство за внатрешни работи не излегува со прецизни податоци, имал унгарски регистарски таблички, објави Јанош Лазар, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Додаде дека унгарската полиција во соработка со австриската се во потрага по возачот.
Притоа Лазар жестоко ја критикуваше Европската унија бидејќи не е способна да го контролира влегувањето на бегалците. „Настаните од последните денови покажуваат дека ЕУ не е во состојба д аги одбрани своите граници“, рече Лазар додавајќи дека бројот на имигранти коишто преку Унгарија се обидуваат да дојдат до западна Европа до крајот на годинава би можел да достигне 300 илјади луѓе.
Германската канцеларка Ангела Меркел, којашто во австриската престолнина Виена учествува на самитот на земјите од западен Балкан, изјави дека сите се потресени од информациите за смртта на десетиците мигранти во камионот. „Тоа ни зборува дека мораме итно да го решиме прашањето на миграцијата во европски дух, а тоа значи во духот на солидарноста“, порача Меркел.
Камионот бил пронајден во четвртокот претпладне паркиран во источна Австрија, покрај Парндорф во покраината Градишче, и неколку десетици лица кои илегално биле внесени во земјата се задушиле во камионската приколка, на возилото паркирано покрај автопатот кој ги поврзува Австрија и Унгарија. Во австриската полиција потврдиле дека таков инцидент се случил на трасата меѓу местата Нојздил и Парндорф, и според нив станува збор за „дузина мртви“. Австриското министерство за внатрешни работи сé уште не издаде официјално соопштени за случајот.
„Не можеме сé уште да процениме колку ги има во камионот. Можеби дваесетина, а можеби и до педесет“, изјави портпаролот на австриската полиција Ханс Петер Доскозил на вонредната прес-конференција која беше пренесувана од државната телевизија.
На прес-конференцијата во местото Жељезно присуствуваше и австриската министерка за надворешни работи Јохан Микл-Лејтнер која за оваа трагедија ја обвини ткн „криумчарска мафија“. „Денеска е црн ден. Ден кој ги покажува одвратните методи на криумчарската мафија. Тие луѓе мора да завршат зад решетките“, рече министерката. Им порача на криумчарите дека ќе има „нулта толеранција“ и дека во Австрија „нема да се чувствуваат безбедни“.
Австрискиот министер за правда Волфганг Брандштетер изјави дека е „длабоко натажен и многу лут“. Организираното криумчарење е бескрупулозна и смртоносна форма на криминал, против кои министерството за правда и полицијата ќе се борат со сите расположливи средства.
Австрија се наоѓа на маршрутата на бегалците и имигрантите кои во Европската унија влегуваат преку српско-унгарската граница во надеж дека ќе успеат да стигнат до Германија и Скандинавија.
Австриската полиција во вторникот во еден шлепер открила 34 бегалци, меѓу кои и деца, според весникот Kronen Zeitung. Наводно возачот без ниедно застанување ги возел од српската граница до Австраија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.
Европа
(Видео) Катастрофални поплави во Русија, куќи под вода, илјадници евакуирани
Поради последиците од големите поплави, во Русија се поплавени околу 18.000 домови, додека реката Тобол во областа во близина на границата со Казахстан се заканува да се искачи на рекордно ниво. Државната новинска агенција Тасс објави дека од вчера се поплавени уште 1.700 куќи. Илјадници луѓе се евакуирани во последните неколку дена.
Massive flood after the water level in the Ural River risen in Orenburg, Russia 🇷🇺 (13.04.2024)
TELEGRAM JOIN 👉 https://t.co/9cTkji5aZq pic.twitter.com/SXxuuoAmI1
— Disaster News (@Top_Disaster) April 13, 2024
Регионот Оренбург јужно од планината Урал и регионот Курган во Сибир беа најтешко погодени од катастрофални поплави во близина на јужната граница со Казахстан. Во главниот град на регионот, Курган, реката Тобол порасна за метар и половина за само 24 часа. Курган се подготвува за рекорден водостој и за големи поплави, изјави министерот за вонредни состојби Александар Куренков, кој рече дека нивото на водата се зголемува и во блиската област Тјумен во Сибир.
1/10🌊🇷🇺 #RussiaIsCollapsing
While the Russians fight in #Ukraine 🇺🇦, #Russia is sinking
📍#Kurgan the risk of another dam failure is high
As in #Orenburg & #Orsk, residents leave their homes, leaving dogs chained to deter looters. They won’t survive it. #floods #Rosja #Russie pic.twitter.com/JMURpr5Rbv
— 𝐀𝐧𝐧𝐚 𝐊𝐎𝐌𝐒𝐀 | 🇪🇺🇫🇷🇵🇱🇺🇦 (@tweetforAnna) April 18, 2024
Во моментов има приближно 94 села каде живеат 34.000 луѓе во опасност од поплави. Во четвртокот властите евакуираа 1.500 луѓе од Тјумен и ги транспортираа на безбедно. По обилните дождови и невообичаено снежната зима, Русија оваа година се бори со исклучително тешки сезонски поплави.
Жителите на погодените подрачја ги обвинуваат властите дека доцна преземаат мерки за нивна заштита и дека не реагираат доволно брзо. Слични поплави ги погодија областите преку границата во соседен Казахстан, каде властите претходно почнаа да ги евакуираат луѓето. Досега од таа област се евакуирани повеќе од 100.000 жители.