Европа
‘Сметководителот од Аушвиц’ призна морална вина и побара прошка
Наречениот од медиумите „Сметководителот од Аушвиц“, сега 93-годишниот Оскар Гренинг, призна во вторникот пред судот во Луененбург морална одговорност за својата улога во стравотиите сторени во тој нацистички логор во текот на Втората светска војна и побра прошка.
„Нема дилема дека имам морална одговорност“, рече во изјавата прочитана пред судот Оскар Гренинг во судницата во Луененебург каде што во вторникот започна судењето за соучесништво во убиството на 300.000 лица, за кое се предвидени 27 рочишта и треба да трае до 29-ти јули годинава, пренесува агенцијата DPA.
Германскиот магазин Der Spiegel, во профилот што во 2005 година го направи за Гренинг, го нарече „сметководителот од Аушвиц“, и тој прекар се задржа до денес. Гренинг тогаш раскажуваше за времето што го минал во Аушвиц и не негираше дека таму се случувале масовни убиства.
„Ве молам за прошка“, рече Гренинг. Неколку лица кои го преживеале ужасот на концентрациониот логор во Аушвиц, го слушаа од галеријата на судницата. Меѓутоа, тој негираше дека директно учествувал во убиствата „За кривичната одговорност вие ќе одлучите“, порача. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна во траење од 3 до 15 години.
Гренинг е обвинет за помош при криењето на багажот на затворениците. „Така се уништувани трагите за масовните убиства пред доаѓањето на следните затвореници“, наведува обвинителството во Хановер. Исто така, ги броел и парите пронајдени меѓу личните предмети на затворениците и ги испраќал во штабот на SS во Берлин. Гренинг бил потполно свесен дека затворениците означени како „неспособни за работа“ биле убивани, тврди обвинителството. На тој начин „создавал економска полза за нацистичкиот режим и ги поддржувал процесот на убивање“.
Откако доброволно се пријавил во елитната Waffen-SS, Оскар Гренинг служел во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, најголемиот концентрационен логор кој нацистичка Германија го подигнала во Втората светска воја, во кој се убиени повеќе од милиони луѓе, повеќето Евреи.
По војната накусо Гренинг бил во британско заробеништво, а по ослободувањето работел во фабрика за стакло во Луененбург и, воопшто некриејќи се, мирно живеел со сопругата и децата. Даваше интервјуа во коишто раскажуваше за ужасите во логорот, но секогаш истакнуваше дека не учествувал во убиствата. И сега медиумскиот интерес за него и процесот против него е големо и во големата судница за новинарите беа резервирани 60 места, од кои 23 за странските медиуми.
Изведувањето пред судот на Гренинг го овозможи промената на законот во Германија,. Претходно на поранешните нацисти мораше да им биде докажано дека лично учествувале во убиствата, но сега може да им се суди и за соучесништво. Неговото судење, исто така, може да биде последното на некој поранешен нацист. Во моментов во Германија се водат дваесетина прелиминарни истраги, но изгледите да бидат приведени до крај се под знак прашање, во прв ред поради возраста на осомничените./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.