Европа
Шојбле очекува ‘извонредно’ тешки преговори за Грција
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави во саботата во Брисел пред клучниот состанок на Еврогрупата во врска со предлогот на Грција дека очекува извонредно тешки преговори.
„Ќе имаме извонредно тешки преговори“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле по пристигнувањето во Брисел на вонредната средба на Еврогрупата, телото коешто го сочинуваат министрите за финансии на 19-те земји членки на еврозоната и кои треба да го дадат своето мислење за најновите грчки предлози за реформи, коишто Атина ги поднесе со барање да ѝ бидат дадени дополнителни заеми во износ од 53,5 милијарди евра во следните три години по линија на Европскиот механизам за стабилизација (ESM).
Шојбле притоа истакна дека отпишувањето на долговите, како што сугерираа САД и делумно ММФ не е дозволено според основните европски договори, и изрази сомневања во некои од бројките коишто се изнесени во грчката програма, „Не сме подготвени да прифатиме бројки кои не се веродостојни“, рече германскиот министер за финанси.
Слична беше и изјавата на челникот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблом.. „Договорот уште не е тука, очекувам тежок состанок, бидејќи има многу критики на грчката реформска програма . Тука, исто така, е и прашањето на довербата. Како што можен да ѝ веруваме на оваа грчка влада дека ќе го спроведе она што го вети?“, запраша Дијселблом.
Еврогрупата започна со состанокот откако грчките доверители, Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценија дека грчкиот реформски пакет, кој ноќта кон саботата го предаде владата во Атина откако го потврди грчкиот парламент, е добра основа за преговорите за новата програма за финансиска помош на Грција.
Челничката на ММФ, Кристин Лагард, изјави дека очекува напредок. „Денеска сме тука за да направиме голем напредок“, изјави Лагард за медиумите по пристигнувањето во Брисел каде што и таа ќе присуствува на вонредната средба на Еврогрупата.
Еврокомесарот за економски и финансиски работи, Пјер Московиси, изјави дека е неопходно „брзо да се спроведат реформите, за да се деблокира програмата за помош и да се разговара за прашањето на одржливост на грчкиот долг“.
Од друга страна, државниот секретар во холандското министерство за финансии Ерик Вјеберс изјави дека кај повеќе европски влади постојат сериозни сомневања во подготвеноста на грчката влада да ги спроведе реформите. „Повеќе влади од еврозоната, меѓу кои и мојата, сериозно се сомневаат во посветеноста на грчката влада и нејзината способност да ги спроведе предложените реформи. Разговараме за предлогот на грчката влада кој пред една седмица беше жестоко отфрлен. Тоа предизвикува сериозна загриженост“, реле Вјеберс.
Потпретседателот на ЕК задолжен за еврото и социјалниот дијалог, Валдис Домбровскиск, изјави дека реформската програма на грчката влада во голема мера е сличен на предлогот на третите институции доверители на Атина, коишто Грците на референдумот од 5-ти јули со огромно мнозинство го отфрлија следејќи го повикот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Еден од најжестоките во критиките беше словачкиот министер за финансии, Петер Кажимир, кој изјави дека грчкиот предлог за реформи бил добар за завршувањето на втората програма за помош која истече на 30-ти јуни и која никогаш не беше докрај исполнета, но дека не е добар за третата програма. Истакна и дека гледа „голем проблем“ во одржливоста на грчкиот долг.
Доколку предлогот на Атина добие одобрување на состанокот на Еврогрупата, тогаш тој ќе може да послужи како основа за почеток на преговорите за третата програма за помош на Грција, а тоа би требало да го одобрат челниците на 28-те земји членки на Европската унија во недела на вонредниот самит во Брисел. Меѓутоа, дури и доколку на овој самите предлогот добие „зелено светло“, работата нема да биде завршена, бидејќи во некои земји членки програмата за помош мора да биде изгласана во националните парламенти.
Според коментарите коишто можеа да се слушнат изминатите денови, земјите членки на ЕУ се поделени во врска со грчкото прашање, Најпомирлива е Франција, којашто грчките предлози ги смета за веродостојни, а најтврда е Германија којашто силно се спротиставува на реструктуирањето на грчкиот долг./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.