Европа
Шпанија: Десницата во водство една седмица пред изборите
Владејачката Народна партија, десниот центар, на премиерот Маријано Рахој, е најпопуларната партија девет дена пред парламентарните избори во Шпанија, а веднаш зад неа се Граѓани, новата партија којашто се залага за слободниот пазар и единство на земјата, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение направено од агенцијата Dym, кои во петакот ги објави весникот El Confidencial.
Досега ниедна анкета не укажуваше на толку мала поддршка на опозициската партија од левиот центар PSOE, којашто, според споменатото истражување на јавното мнение, се наоѓа зад Podemos (Можеме), партија којашто е формирана според урнекот на грчката владејачка коалиција на радикалната левица Сириза, и којашто ја обвинува PSOE дека ги предала начелата на левицата.
Народната партија има поддршка од 26,7 отсто од гласачите, Граѓани – 23,3 отсто, Подемос – 19,12, а PSOE – 17 отсто, покажува анкетата на институтот Dym. Сепак, се истакнува дека 20 проценти од анкетираните изјавиле дека не знаат за кого ќе гласаат на парламентарните избори коишто се закажани за 20-ти декември.
Истражувањето, спроведено на 1.012 испитаници, покажува, како другите анкети, дека ниедна партија нема да освои парламентарно мнозинство, што би можел да доведе до создавање коалиции или малцинска влада, нешто на што Шпанија од воведувањето на демократијата во 1978 година не навикната.
Шпанските граѓани сé уште ја чувствуваат рецесијата, којашто официјално заврши пред 18 месеци, но високата стапка на невработеност и натаму е присутна. Од јули до септември невработени биле 21 отсто Шпанци, најмалку во изминатите четири години, благодарејќи на рекордната туристичка сезона, како и на отворањето на привремените и слабо платените работни места, И натаму, меѓутоа, покрај Грција, Шпанија е земјата со најголем број невработени во 28-члената Европска унија.
Партиите Подемос и Граѓани ги привлекуваат гласачите и поради корупциските скандали кои излегоа на површината во двете етаблирани партии – Народната партија и PSOE, последните месеци. Овие две партии се менуваат на власта од 1982 година.
Во анкетите од пред десетина дена на институтите Metroscopia и Sigma Dos, во водство, исто така, е Народната партија со поддршка од 22,7, односноно 27,1 отсто од шпанските гласачи.
На пропагандниот материјал на Народната партија доминира пораката „Шпанија, сериозно“. Премиерот Маријано Рахој повторува дека неговата партија има искуство во водењето на земјата, и истакнува дека не е време за политички експерименти. Ветува дека ќе ја преполови стапката на невработеноста, доколку добие уште еден мандат./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.