Европа
Шпанските социјалисти го повикаа Рахој да состави влада или да отстапи, го обвинија Подемос за уцена
Шпанската Социјалистичка партија (PSOE) во саботата ја повика победничката на декемвриски парламентарни избори конзервативна Народна партија (PP) да се обиде да ја формира владата или да се откаже, а самата одби да преговара со радикалната левица Podemos која ја обвини за уценување.
Народната партија на премиерот на заминување на Маријано Рахој победи на изборите на 20-ти декември, поединечно доби најмногу гласови, но не успеа да го освои апсолутното мнозинство, поради што е принудена да преговара во обидите да формира коалиција со другите партии. Рахој во петокот изненади со изјавата дека засега не е во позиција да бара гласање за доверба во парламентот, бидејќи нема потпора од другите партии, иако повторно истакна дека и натаму е кандидат за мандатар на идната влада.
„Сметаме дека Рахој има обврска…, да истапи како кандидат за премиер или засекогаш да се откаже од правото на тоа“, објави PSOE на својата интернет страница, пренесува Reuters,
Досегашниот шпански премиер претходно во саботата уште еднаш оцени дека Народната партија, социјалистите и партијата Граѓани (Ciudadanos) и натаму е „најразборитата можност“.
Во соопштението во саботата PSOE ја критикуваше партијата Podemos (Можеме – инспирирана од грчката владејачка коалиција на радикалната левица Сириза којашто произлезе од движењето 15М или Индигнадос), односно нејзиниот челник Пабло Иглесиас кој во петокот изненади со предлогот за формирање влада со социјалистите и еко-комунистите Обединетата левица (Izquierda unida), но за тоа постави низа услови.
Партијата на социјалистите, коишто ги води Педро Санчез, одговори дека засега нема да ги започне преговорите „а уште помалку кога преговорите се условуваат со уцена“. Партијата повтори, меѓутоа, дека ќе го „зачува дијалогот“ со сите политички сили за да ја „процени ситуацијата“, пишува AFP.
И шпанскиот левичарски дневен весник El Pais напиша во петокот во воведникот дека Иглесиас „поставува замка“ за социјалистите и дека неговата понуда претставува „голема отровна бонбона“.
Аналитичарот Хозе Игнасио Торебланка оценува дека целта на Подемос не е „да владее со PSOE како што се случи во Португалија, туку сака да ја уништи и да ја замени (социјалистичката партија), како што во Грција направи Сириза истиснувајќи го Пасок“, досега традиционалната партија на грчките социјалисти.
PSOE инаку изминатите повеќе од три децении, по воведувањето на демократијата во Шпанија, се менуваше на власт со Народната партија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.