Европа
Штајнамер: Постигнат е напредок во украинскиот мировен процес
Прекинот на огнот во источна Украина од 1-ви септември генерално се почитува, што дава надеж за натамошен напредок во решавањето на судирот, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер по состанокот во Берлин со колегите од Украина, Русија и Франција, од таканаречениот формат „нормандиска четворка“.
Во текот на состанокот во саботата доцна вечерта кој траел три ипол часа, министрите, како што оценува Штајнмаер, „постигнаа напредок по некои клучни прашања“. Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека пред самитот на челниците на четирите земји на 2-ри октомври во Париз, на средбата во Берлин се влегло во „важна фаза“, истакнувајќи дека сега е важно да се одржат постојните договори.
Според Штајнмаер, големи се шансите да биде потпишан конкретен договор за повлекувањето на тешкото вооружување од линијата на раздвојувањето, а постои и договор за почетокот на отстранувањето на мините.
Лавров, исто така, изјави дека добил позитивен впечаток од разговорите. „Имаше спорни моменти во врска со низата следни чекори во однос на уставните реформи, во однос на неопходните активности на Киев за обезбедувањето на постојаниот специјален статус на Донбас (дел од Минскиот договор), но според мене, ќе бидат уважени нашите арументи“, додаде.
Кога станува збор за изборите во одметнатите рускојазични региони Донецк и Луганск, коишто Киев сака да ги спроведе по свои правила, и во таа сфера е забележително напредувањето, но уште постојат „тешкотии и спорни прашања“. Се очекува дека договорот од Минск за прекин на огнот, потпишан на 2-ри февруари годинава во главниот град на Белорусија, може да биде спроведен до крајот на годинава.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин изјави дека прашањето за спроведувањето на изборите во Донбас треба да го оцени меѓународната заедница. Истакна дека „локалните избори во цела Украина ќе се одржат на 25-ти октомври“, а во врска со Донбас рече дека „тоа е прашање на модалитетите и прашање на сфаќање, на кој начин можеме да се осигуриме дека тие избори ќе бидат слободни и чесни“.
Климкин изјави дека во Украина има редица објективни критериуми. „Тука е ОБСЕ/ОДИХР, меѓународната заедница, тие треба да кажат дали тие избори соодветствуваат на критериумите на ОБСЕ“, рече шефот на украинската дипломатија, додавајќи дека „тогаш можеме да почнеме да разговараме за датум, за изборниот процес…“/крај/мф/сн
Извор: DPA/ТАСС
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.