Европа
Штајнмаер: Постигнат напредок на средбата за Украина
Постигнат е договор со кој се воспоставува безбедносна зона меѓу украинските и силите на рускојазините бунтовници во источна Украина, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер по дипломатскиот состанок на претставниците на Украина, Русија, Германија и Франција ноќта кон четвртокот, а неговиот руски колега Сергеј Лавров потврди дека е договорено итно повлекување на тешкото оружје.
Министрите за надворешни работи на четирите земји во ткн формат „нормандска четворка“ го започнаа во средата доцна вечерта во Берлин состанокот за да се обидат да го запрат разгорувањето на судирите на одметнатиот рускојазичен исток на Украина во кој според обвинувањата на Киев учествуваат директно руски војници.
„Постигнавме договор околу демаркациската линија на раздвојување, во согласност со договорот од Минск, а од овој момент двете страни мора да ја повлечат тешката артилерија зад таа линија. Секако, целосниот прекин на огнот зависи од спроведувањето на овој договор“, изјави ноќта кон четвртокот шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер, пренесе агенцијата DPA.
„Најважната одлука која беше донесена денеска, изразена во заедничката изјава одобрена како резултат од средбата, е моќната поддршка на задачата за итно отстранување на тешкото оружје од линијата на контактот, којашто е утврдена со Минските спогодби, особено од меморандумот од Минск од 19-ти септември“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
„Тоа е токму она што беше предложено од претседателот (на Русија, Владимир) Путин, во неговото писмо до претседателот (на Украина, Петро) Порошенко на 15-ти јануари годинава. Се надеваме дека поддршката на оваа иницијатива од страна на министрите за надворешни работи на ‘нормандскиот формат’ (според четиристраната средба на челниците на Украина, Русија, Германија и Франција летото минатата година при прославата на 70-годишнината од сојузничката инвазија на Нормандија – з.р) ќе помогне таа да се оствари“, истакна Лавров.
Рускиот дипломат потсети, како и претходно во средата, дека добил уверување од водачите на проруските бунтовнции од Донецк и Луганск дека го поддржуваат графиконот за отстранување на тешкото оружје, и изрази надеж дека и Киев „ќе го стори истото“.
Во септември во Минск се одржаа неколку рунди преговори меѓу претставниците на Украина и на самопрогласените ткн Народни републики во Донецк и во Луганс, со посредство на Организацијата за соработка и безбедност во Европа (ОБСЕ) и на Русија. Страните дискутираа за прекин на огнот и следење на договореното од страна на набљудувачите на ОБСЕ, за формирање тампон зона од линијата на раздвојувањето меѓу безбедносните сили на Киев и милициите на рускојазичните бунтовници и повлекување на тешкото оружје на 30 километри во длабочина од таа линија, како и размена на затворениците по принципот „сите за сите“.
На 9-ти декември започна уште едно договорено примирје во регионот познат под заедничкото име Донбас, но точно по еден месец на 9-ти јануари судирите продолжија речиси по целата линија на контактот. Двете страни се обвинуваат за прекршување на прекинот на огнот и за трупање војници и опрема./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.