Европа
Шведска и Британија ги отфрлија одлуките на ОН за Асанж
Шведска и Велика Британија ја отфрлија одлуката на работната група на Обединетите нации за тоа дека основачот на обелоденувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулиан Асанж е фактички незаконски притворен во амбасадата на Еквадор во Лондон, соопштија во петокот портпаролите на двете влади.
Шведската влада ја одби одлуката на панелот на ОН објаснувајќи дека 44-годишниот Џулиан Асанж избрал да остане во еквадорската амбасада каде што се наоѓа од 2012 година, откако му беше одобрено барањето за политички азил поради избегнување негова екстрадиција. „Шведските власти немаат контрола над неговата одлука да остане таму. Господин Асанж може да ја напушти амбасадата во секој момент“, соопшти шведската влада во изјавата која е одговор на одлуката на работната група на светската организација.
„Ова ништо не менува. Ние во целост го отфрламе секое тврдење дека Џулиан Асанж е жртва на незаконски притвор. Обединетото Кралство му разјасни на ОН дека службено ќе го оспори мислењето на групата на ОН“, изјави портпаролот на британската влада.
„Тој, всушност, доброволно го избегна законското апсење избирајќи да остане во еквадорската амбасада. Обвинението за силување и натаму не е решено и не сила е европскиот налог за пасење, така што Обединетото Кралство има законска обврска да ѝ го испорача на Шведска“, се истакнува во изјавата на Лондон.
Група независни експерти на ОН соопштија дека Асанж е незаконски притворен во еквадорската амбасада во Лондон и дека би требало да биде ослободен и обештетен.
Шведска во август 2015 година најави дека се надева оти до крајот на годината ќе постигне договор со Еквадор за правно содејство, коишто ќе им овозможи на шведските обвинители да го сослушаат Асанж во врска со двете обвиненија против него подигнати од две жени во врска со сексуално злоставување и силување од 2010 година, за кои тој тврди дека се монтирани случаи поради неговите политички активности. Но кон крајот на јануари Шведското државно обвинителство соопшти дека Еквадор и официјално одбил неговите иследници да го испитаат основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks којшто од 2006 година објавува доверливи документи, кој речиси четири години се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон.
Асанж од јуни 2012 година се крие во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што од еквадорските власти побара политички азил поради страв дека шведските власти ќе го екстрадираат во САД каде што би можел да биде суден за објавувањето на стотиците илјади доверливи документи за војните во Ирак и во Авганистан, како и тајните дописи на американската дипломатија со непријатни белешки за многу светски државници.
Против Австралиецот сé уште не е подигнато обвинение, бидејќи досега не е испитан.
Еквадорскиот државен правобранител претходно изјави дека Кито инсистира на реализација на разговор со Асанж, како и дека од Шведска побарал листа со прашањата на коишто се бараат одговори./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.