Европа
Шведска прима рекорден број доселеници идната година
Заводот за миграција во Шведска ја објави официјалната листа за барани професии во оваа развиена скандинавска земја за во наредниот период да се привлече образован и квалитетен кадар.
На листата на професии за коишто постои голема побарувачка во Шведска, а коишто се објавени на интернет страницата на Заводот за миграција, се професии како бабици, електроинженери и електротехничари, кувари, лимари, медицински сестри, молери, пекари, водоинсталатери, слаткари и стоматолози.
Меѓу бараните занимања се и аптекари, геометри, градежни инженери и техничари, инструктори за возење, комерцијалисти, лекари, механичари за камиони, наставници за во основни училишта, педагози за лица со посебни потреби, психолози, работници за изградби на железници и патишта, рудари, стаклоресци.
Во Шведска се бараат професии како што се педагози за слободни активности, советници за професионално и студиско насочување и забни хигиеничари.
Доколку работодавачот во Шведска го повика кандидатот на разговор за работа за едно од најбараните занимања, барањето за работна дозвола кандидатот може да го поднесе од Шведска наместо да се враќа во татковината.
Повеќе инфромации за ова може да се најдат на интернет страницата на Заводот за миграција (Migrationsverket). Според податоците на консулантската фирма Ernst&Young, просечна бруто плата во Шведска е 32.769 евра годишно или 2.730 евра месечно.
Шведска во светот е позната како развиена извозно-ориентирана економија.
Дрвната индустрија, хидроелектраните и производството на железна руда се основата на економијата на оваа земја ориентирана кон надворешната трговија. Главни индустриски гранки во Шведска се производство на моторни возила, телекомуникации, фармација, хемиска роба, куќни апарати, шумарство и производство на железо и челик.
Изминатите години традиционалниот модернизиран облик на земјоделското стопанство вработуваше повеќе од домашната работна сила, додека денес Шведска во најголема мерка развива инженеринг, рударство, производство на челик и слични индустрии кои се конкурентни на меѓународната економска сцена.
Шведска има многу конкурентна економија со широки социјални програми, која се финансира од релативно високите даноци на добивка кои овозможуваат приходите да се дистрибуираат на сите слоеви во општеството. Тој модел се нарекува шведски или нордиски модел./крај/кликс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.
Европа
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.