Европа
Тројца мртви во источна Украина, бунтовниците го повлекуваат оружјето
Најмалку двајца цивили и еден украински војник загинале последните 24 часа во источна Украина, а во украинското бомбардирање на центарот на рускојазичните бунтовници Донецк оштетена е и болница, според одвоените информации на Киев и командата на бунтовниците која соопшти дека повлекла 41 тенк и 84 оклопни возила од линијата на раздвојувањето под контрола на набљудувачите на ОБСЕ, според февруарскиот мировен договор од Минск.
Во бомбардирањето на цивилните населби во близина на Донецк кое започна во саботата во регионот Кујбишевски убиен е најмалку еден маж, а во текот на бомбардирањето на тамошната болница е ранета една лекарка, пренесува AFP. Во гратчето Макијвка кое на територијата на самопрогласената ткн Народна република Донецк, неколку километри северно од Донецк, ранет е уште еден маж.
Еден од командантите на проруските сили, Едуард Басурин, ги обвини украинските сили под команда на Киев дека го гранатираат гратчето Писква, во близина на разорениот аеродром Донецк, „користејќи оружје од калибар 152“, коешто според договорот од Минск требаше да биде повлечено на повеќе од 150 километри од линијата на фронтот.
Украинската армија, пак, извести дека бунтовниците го нападнале местото Водјани во близина на аеродромот Донецк, е убиен еден цивил, а повеќе биле ранети, обвинувајќи дека бунтовниците користат артилерија од 152 и 122 мм, како и тенк.
„Еден украински војник е убиен, а седум се ранети во изминатите 24 часа“, повеќето на западните делови од регионот Донецк“, изјави за Reuters украинскиот воен портпарол Олександр Матузјаник.
„Ситуацијата околу Донецк значително се влоши, а судирите во областа Писква-Авдовка, во близина на аеродромот, траат практично без престанување“, додал Матузјаник во што се согласува со тврдењата на бунтовниците.
Повлекувањето на тешкото вооружување поголемо од калибар од 100 мм е предвидено со февруарскиот договор од белоруската престолнина Минск, потпишано од челниците на Украина, Русија, Франција и Германија, но двете страни се обвинуваат дека не го почитуваат.
Сепак во неделата проруските бунтовници преку медиумите во Донецк објавија дека само во неделата од линијата на фронтот повлекле 41 тенк и уште 84 оклопни борбени возила. „Процесот на повлекување на опремата од Новоласпо и Еленовка го следеа набљудувачите од Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ и од Заедничкиот центар за контрола и координација на режимот на прекин на огнот и стабилизација на линиите на раздвојување“, рекол на брифингот со новинарите во Донецк, Едуард Басурин, пренесе агенцијата ТАСС.
Тој го обвинил украинските власти во Киев дека го игнорирале дописот на челништвата од бунтовничките центри во Донецк и Луганск од саботата со предлог да нивни набљудувачи да го следат процесот на повлекување на тешкото вооружување на бунтовниците.
„Вчера на адреса на шефот на групата на украинската страна во Заедничкиот центар за контрола и координација, генерал-мајорот Андреј Таран беше испратени писмо со предлог да земе лично учество во овие активноста со цел да го регистрира повлекувањето на нашата оклопна техника. За жал, досега не добивме одговор од украинската страна“, рекол Басурин и истакнал дека повлекувањето на оружјето започнало по еднострана иницијатива на ткн народни републики во Донецк и Луганск.
„Доколку Киев навистина е заинтересиран за мирно решавање на конфликтот, очекуваме слична реакција од него под надзор на Мисијата на ОБСЕ и претставниците на Заедничкиот центар за следење и координирање на прекинот на огнот за стабилизирање на демаркационата линија“, додал бунтовничкиот водач.
„Верувам дека само строгото спроведување на договореното од Минск и предложените од наша страна мерки ќе овозможи да се избегнат натамошните бесмислени жртви меѓу цивилното население“, порачал Басурин./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.