Европа
Тројца ранети во напад со мачета во лондонското метро, полицијата го смета за тероризам
Три лица се повредени во саботата во напад на маж вооружен со мачета во лондонското метро, а полицијата инцидентот го третира како терористички акт, објавија ноќта кон неделата локалните медиуми.
Според пишувањето на весникот The Telegraph, инцидентот се одиграл на постојката на лондонската подземна железница Лејтонстон, каде биле ранети три лица. Според очевидци, пред напади мажот извикувал „Ова е за Сирија“. Припадниците на полицијата кои брзо интервенирала, го совладале напаѓачот.
„Припадниците на британската транспортна полиција се на местото на инцидентот. Познато ние е дека еден човек се здобил со сериозни убодни рани. Очекуваме информации за можни други повредени“, изјавил за весникот портпаролот на локалната полиција.
Набрзо беше објавена информацијата на Скотланд јард, дека лондонската полиција го квалификува нападот во британската престолнина како терористички напад.
Според Скотланд јард, напаѓачот успеал да повреди неколку лица. Тој бил разоружен од еден полициски службеник, само неколку минути по повика. Притоа, се наведува дека инцидентот се случил по 19 часот по локално време (20 часот по македонско). Потврдено е дека едно лице е посериозно повредено, но „не е животно загрозено“.
Претходно во саботата британските медиуми објавија дека тамошните безбедносни служби ги проверуваат медиумските извештаи дека притаената терористичка ќелија која ги организираше нападите во француската престолнина Париз на 13-ти ноември во кои беа убиени 130 луѓе, имала контакти со лица во Велика Британија, според полицискиот началник на грофовијата Вест Мидлендс, Маркус Бил.
Според него, безбедносните служби по неодамнешните написи продолжуваат „да прават сé што е во нивна можност“ за да ја осигурат безбедноста на граѓаните. „Единицата за борба со тероризмот на полицијата на грофовијата Вест Мидлендс тесно соработува со своите колеги во Лондон и земјата во целина, во поддршка на француските и белгиските истражители“, изјави Бил. Додаде дека полицијата оперативно дејствува на секоја терористичка закана „во самото Обединето Кралство“.
Неколку лица осомничени за врски со Абделхамид Абаауд, припадник на џихадистичката Исламска држава и организатор на терористички напади во француската престолнина Париз, живеат во Велика Британија, изјавиле за њујоршки The Wall Street Journal неименувани западни функционери. Тие луѓе, од кои некои по потекло се Мароканци, живеат во регионот на Бирмингем, во централна Англија, околу 190 километри од Лондон. Според весникот, најмалку еден од париските атентатори пред нападот патувал во Велика Британија, а исто така и „неколку терористички групи составени од доселеници од Северна Африка, имаат контакти со Бирминген и неговата околина“.
Британскиот дневен весник The Mirror, така, пишува дека британската полиција ги истражува наводите дека припадник од групата терористи во Париз имал неколку телефонски разговори кон Бирмингем непосредно пред масакрот. „Извршени се (телефонските разговори) малку пред париските напади. Британската полиција итно истражува дали некој во Британија е вклучен во тие злосторства, и дали пости поврзана терористичка ќелија тука“, изјавил за весникот извор близок на истрагата.
Досега најголемиот терористички напад на британска почва беше изведен во јули 2005 година, кога самоубијци исламисти убија 52 лица во лондонската подземна железница и во автобус.
В текот на минатата година оневозможени биле седум планирани напади од кои ниеден немал размери како нападите во Париз. Антитерористички сили просечни во текот на 2104 година уапселе по едно лице дневно во Британија под сомневање за вмешаност во терористички активности.
Во Велика Британија е прогласен висок степен на опасност според кој „многу се веројатни“ терористички напади поради заканата којашто ја претставува џихадистичката Исламска држава, како и нејзините следбеници во земјата.
Само во ноември, според официјалните податоци, околу 800 Британци отпатувале во Сирија и во Ирак за да ѝ се приклучат на Исламската држава. Околу половината од нив набрзо се вратиле дома, а за 70 се смета дека загинале на боиштата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.