Европа
Турција ги осуди изјавите на руските политичари и Путин за геноцидот врз Ерменците
Турското министерство за надворешни работи во петокот вечерта издаде соопштение со кои ги осуди изјавите на руските политичари, вклучително и на претседателот Владимир Путин во Еревен на комеморативната церемонија по повод стогодишнината од масакрот врз Ерменците каде што изјави дека „нема оправдувањето за масовните убиства“ во 1915 година во Отоманската империја.
„Имајќи ги предвид масовните убиства, протерувањата.. коишто Русија гои спровела на Кавказ, централна Азија и во источна Европа низ минатиот век… сметаме дека таа најдобро би требало да знае што е тоа геноцид и кои се неговите вистински димензии“, се вели во соопштението на турската дипломатија.
Непосредно претходно во поздравната телеграма до учесниците на свечената вечера под наслов „свет без геноцид“, рускиот претседател Владимир Путин го нарече 24-ти април 1915 година „тажен датум поврзан со еден од најстрашните и најдраматичните датуми во историјата на човештвото – геноцидот над ерменскиот народ“. Државна Дума на Руската Федерација претходно во петокот објави соопштенија во коешто изрази „длабоко сочувство со братска Ерменија во врска со стогодишнината од геноцидот над Ерменците, а исто така и на другите народи, коишто настрадаа во времето на трагичните настани во текот на Првата светска војна“.
„Ја осудуваме и отфрламе квалификацијата на рускиот претседател за настаните од 1915-та како геноцид, и покрај нашите апели за воздржување од тоа. Таквите политички изјави немаат правна сила. Думата, којашто од 1995 година на секи 10 години дава политички изјави со поддршка на ерменските тврдења, не ја промени традицијата и издаде нова изјава, којашто ние исто така ја осудувам“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Турција.
Турција притоа ја повикува Русија да влијае врз Ерменија со цела таа „да покаже позитивен одговор на повиците на Анкара за мир и пријателство“, се додава во соопштението.
По турската реакција, портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека посетата на Путин на Ереван на настаните во сеќавање на годишнината од ерменскиот геноцид, не може да влијае врз односите меѓу Москва и Анкара, особено во смисла на изградбата на гасоводот „Турски тек“. Според Песков, Русија и Турција имаат блиски партнерски односи коишто имаат многу силна основа во заемно корисната економска соработка.
Ерменија во петокот, со присуство на францускиот и на рускиот претседател, Франсоа Оланд и Владимир Путин, чиишто две земји споменатите настани ги оценуваат како геноцид, ја одбележа стотата годишнината од масакрот врз нивните предци во нивната прататковина сега во рамките на Турција Додека Анкара одбива да признае дека станува збор за геноцид врз 1,5 милиони Ерменци во Отоманското царство, туку за далеку помал број жртви во воениот виор на Првата светска војна./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.