Европа
Уапсени четири лица во врска со убиството на Немцов
Поради сомневање за поврзаност со убиството на рускиот опозициски политичар и поранешен министер и вицепремиер Борис Немцов, покрај двајцата уапсени во саботата наутро, уапсени се уште две лица, потврдил претставникот на Советот за безбедноста на кавкаската република Ингушетија, Алеберт Барахоев, откако претходно портпаролот на Истражната комисија Владимир Маркин изјави дека осомничените убијци може да бидат уапсени во недела.
Претходно директорот на Федералната безбедноста служба (ФСБ), Александар Бортников, изјави дека рамките на истрагата се приведени двајца осомничени за извршување на злосторството, Анозр Губашев и Заур Дадаев, жители на регионите од Кавказ, каде што инаку се активни радикални исламистички групи.
„Уапсени се Заур Дадаев, кој е заменик командир на полкот на баталјонот ‘Север’ на Министерството за внатрешни работи на Чеченската Република, и уште еден маж кој во тој момент бил со него во возилото. Покрај тоа, уапсен е и Анзор Губашев, кој работел во една од приватните агенции за обезбедување во Москва, и неговиот помлад брат“, изјавил Барахоев во телефонскиот разговор со агенцијата РИА Новости.
Тој не прецизирал дали приведените се испратени во Москва или се’ уште се во Инушетија.
Според Барахоев, уапсените се етнички Чеченци, чии семејства се во текот на 1960-те се преселиле во Малгобескиот регион на тогашната заедничка Чеченско-Ингушетска автономна република во тогашниот Советски сојуз. Додал дека последните десет години тие не живееле на адресата на којашто биле пријавени.
Во рамките на истрагата за убиството на Борис Немцов, иследниците од Истражната комисија заедно со оперативците на ФСБ и министерството за внатрешни работи, кои ги уапсиле Губашев и Дадаев, сметаат дека двајцата биле припадници на криминална група и биле вклучени во извршувања убиства, рече портпаролот на Истражната комисија, Владимир Маркин
Тој за агенцијата ТАСС додаде дека истрагата продолжува по лицата инволвирани во убиството на опозицискиот политичар и оти се очекува во недела да бидат уапсени лицата кои се осомничени како убијците.
Една од варијантите кои ги разгледуваа руските истражни органи беа радикални мотиви во врска со изјавите на Немцов, кој инаку по потекло е Евреин, околу терористичките исламистички напади во Париз од јануари и конфликтот во источна Украина, како и за нарачана ликвидација.
Од партијата РПР-Паранас, чиј соосновач беше убиениот Немцов, во саботата изјавија дека главна задача на истрагата е да ги пронајде нарачателите на убиството на опозицискиот политичар.
Еден од челниците на оваа партија, Илја Јашин, во врска со информациите за апсењето на двајцата осомничени во писмената изјава за медиумите како императив за истрагата истакна дека мора да бидат откриени нарачателите на убиството на неговиот соработник,
„Крајно важно е делото да не биде ограничено само на притворените како жртвени јарци, дали се тоа вистинските убијци или не. Клучниот предизвик, пак, е да се утврдат и уапсат нарачателите“, порача Јашин
Немцов, поранешен прв вицепремиер и министер за енергетика беше убиен на 27-ми февруари додека со девојката, 23-годишниот украински модел Ана Дурицка малку пред полноќ минувал по Големиот мост на реката Москва недалеку од Црвениот плоштад и Кремљ.
Неговото убиство предизвика осуди ширум светот и апели руските власти да спроведат брза истрага. Рускиот претседател Путин ликвидацијата на Немцов „во центарот на престолнината“ го нарече „срамотно“ за Русија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.