Европа
Украинскиот парламент го изгласа Јаценјук за премиер
Украинската Врховна Рада (парламентот) на својата прва седница во новиот состав во четвртокот го избра за премиер Арсениј Јаценјук, фактички по вторпат откако прозападните сили по безредијата од почетокот на годинава во Киев ја преземаа власта во парламентот.
Претходно во четвртокот украинскиот парламент во кој првпат во историјата преовладуваат прозападните и националистички сили, откако црноморскиот полуостров Крим на кој доминира руското население се присоедини на Русија, а во источните доминантно рускојазични региони во Донецк и Луганск самопрогласија ткн народни републики, започна со работата во новиот состав соочен со вооружениот конфликт и со длабоката економска криза во која земјата е на работ на банкрот.
Пратениците избрани на предвремените парламентарни избори на 26-ти октомври, откако во март годинава го соборија прорускиот претседател Виктор Јанукович, ја отпеаја украинската национална химна следени од хор на фолклорно друштво.
Потоа одржаа минута молчење во чест на стотината убиени во протестите од февруари на Плоштадот на независност во (Мајдан), меѓу кои имаше и неколку десетици полицајци, кој стана симбол на прозападното движење, како и во чест на украинските војници загинати во судирите во истокот на земјата каде рускојазичното население се побуни откако новите прозападни власти во Киев кои во март не дојдоа на власт преку избори ги заменија административно локалните гувернери а на рускиот јазик му го поништија статусот на службен, што предизвика бунт на руското и рускојазичното население.
Отворањето на седницата на новиот состав на парламентот му беше доверено на вршителот на должноста претседател Олександр Турчинов. Потоа пратениците заедно ја читаа свечената обврска од големиот екран во салата.
Вo парламентот на Украина се партијата на досегашниот премиер Арсениј Јаценјук, Народен фронт, блокот што го поддржува претседателот на државата Петро Порошенко, движењето Самопомош, Опозицискиот блок – на проруските сили, Радикалната партија на Олег Лјашко и партијата Баткивштина (Татковина) на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која пролетва ја напушти нејзиниот поранешен сојузник Јаценјук.
Пратениците во четвртокот со 341 глас „за“ и 2 „против“ од вкупно 418 пратеници на инаугуративната седница го потврдија изборот на Јаценјук за премиер. Претходно со 359 гласа „за“ беше избран за потпретседател на парламентот Володомир Гројсман, член на клубот Порошенко. Сите 450 места во новиот еднодомен парламент на Украина не се пополнети, имајќи предвид дека на изборите не се гласаше на Крим и во источните региони.
Се очекува дека новиот владин кабинет ќе биде формиран на следната седница во вторник.
Неколку часа по отворањето на првата парламентарна седница, петте прозападни партии се договорија за коалиција под називот Европска Украина, којашто треба да ги спроведе тешките реформи со коишто земјата треба да излезе од тешката политичка и економска криза и да се приближи на Западот.
Јаценјук, инаку, жестоко се залага за пристапување на Украина на Европската унија и на НАТО.
Умерено прозападниот претседател Порошенко, пак, изјави во парламентот дека Украинците не сакаат нивната земја да стане федерација, што рускојазичните региони во почетокот го бараа, одговарајќи на повиците на Москва да спроведе уставни реформи за да ги врати во составот на земјата одметнатите проруски региони. „Повеќето луѓе ја гледаат Украина како единствена држава“, изјави Поршенко во говорот на државната телевизија.
Прозападната коалиција има цел Украина да ја воведе во НАТО, иако од Брисел во неколку наврати ја негираа таквата можноста а многу аналитичари сметаат дека таквата перспектив е уште многу далеку.
Украинскиот портал The Insider пишува дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканил на украинскиот колега Петро Порошенко дека ќе покрене офанзива во источна Украина, доколку Киев не се откаже од амбициите да стане дел од НАТО и не ги признае сепаратистичките покраини на истокот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.