Европа
Украинските мировни преговори во Минск засега без исход
Мировните преговори меѓу претставниците на украинската влада и рускојазичните бунтовници од југоистокот на земјата завршија во средата доцна ноќта во белоруската престолнина Минск, по пет и пол часови преговори, но засега не е објавено дека е постигнат каков и да е напредок, пренесуваат руските медиуми.
Учесниците на преговорите, на коишто зад затворени врати се разговараше за иднината на сепаратистичките региони во источна Украина населени со доминантно руско и рускојазично население кои не ја признаваат прозападната власт во Киев, по состанокот не даваа изјави за медиумите. Се очекува дека преговорите ќе продолжат во петок, но според соопштението на министерството за надворешни работи на Белорусија, која е домаќин по вторпат на преговорите, тоа се’ уште не е сигурно.
Преговорите за решавањето на судирот во кој од април 2014 година загинале повеќе од 4.700 луѓе, според Обединетите нации, се одржуваа во поранешната резиденција на белорускиот претседател Алекандр Лукашенко во центарот на Минск. Темите на разговорите беа осигурување на стабилен и одржлив прекин на огнот во источна Украина, повлекување на артилеријата, продолжување на процесот на размена на заробениците според модусот „сите за сите“ и овозможување испорака на хуманитарна помош.
Во преговорите како медијатори учествуваа од украинска страна поранешниот претседател Леонид Кучма, од руска амбасадорот во Киев Михаил Зурабов, и претставничката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Хајди Таљивиани, и претставници на самопрогласените ткн Народни републики во Донецк и Луганск.
„Официјалниот претставник на републиката (Денис Пушилин) ме информираше за текот на средбата во Минск“, изјавил претседателот на Донецк, Александр Захарченко за Донецката новинска агенција. Според него, преговорите биле тешки и детали нема да бидат обелоденети, бидејќи „претстои втор круг“.
„Денеска не треба да се очекуваат резултати од преговорите. Денеска почнавме со работата, а конкретните резултати може да се очекуваат во петок навечер“, изјави пред почетокот на преговорите Валериј Чали, дипломатскиот советник на украинскиот претседател Петро Порошенко.
На преговорите, исто така, во Минск од 5-ти септември коишто следеа по телефонскиот разговор меѓу рускиот и украинскиот челник, Владимир Путин односно Петро Порошенко, беше постигнат договор за прекин на огнот и формирање на тампон зона меѓу завојуваните страни во длабина од 30 километри од линијата на раздвојување. Примирјето во повеќе наврати беше прекршувано од двете страни, но според општи оцени насилството во декември било значително намалено./крај/мф/сн
Извор: EPA – Учесниците на преговорите во Минск, Леонид Кучма (л) и Михаил Зурабов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.