Европа
Унгарија ќе бара партнери за ’помирување’ со Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во редовното излагање пред амбасадорите во понеделникот повтори дека со цел да се подобрат односите со Русија, тој ќе побара поддршка од земји членки на Европската унија, пренесува Reuters.
На споменатата средба, унгарскиот премиер ги предупредил унгарските дипломати од натамошно заладување на односите со Русија, предизвикано од воведување на европските економски санкции против Москва во врска со украинската криза, како и одговорот со ембарго од руска страна на увоз на прехранбени продукти од земјите членки на Европската унија.
„Европска унија добива од Русија повеќе (одмазнички мерки) секој ден. Тоа е лошо, не само за Унгарија, туку и за целата Европска унија. Неопходно е да најдеме друштво меѓу земјите членки на Унијата, заинтересирани за намалување на влијанието на тој непосакуван процес на оддалечување“, изјавил Орбан. Унгарскиот премиер додал дека имајќи предвид дека земјите од централна и од источна Европа не можеа да постигнат консензус по тоа прашање, тие не би можеле да дејствуваат заеднички.
Според Обран, исто така, Полска, како и земјите од Балтикот, гледаат на руското прашање од безбедносен аспект. Истакнал дека Унгарија не го споделува истиот став, гледајќи на Русија како на трговски партнер и другите аспекти во врска со актуелната ситуација во односите меѓу Брисел и Москва ги смета за секундарни.
Унгарскиот премиер пред две седмици изјави дека ЕУ треба да ја преиспита својата политика во однос на Русија, бидејќи со санкциите против Москва поради кризата во Украина, Унијата „си наштетила себеси”. „Западната политика на санкции кои се последица на активностите на Русија, ни наштети нaм повеќе отколку на Русија. Во политиката тоа се нарекува ’пукање во сопствената нога’“, изјави унгарскиот премиер, непосредно по тврдењата на неговиот словачки колега Роберт Фико дека санкциите се „незначајни“, поради тоа што тие ќе го загрозат економскиот раст на Унијата.
„Не само што ЕУ треба да ги компензира загубите на произведувачите на храна, без разлика дали тие се Полјаци, Словаци, Унгарци или Грци, туку целата политика на санкции треба да се преиспита“, рече на 15-ти август Орбан, потенцирајќи дека тој самиот ќе почне да бара партнери во ЕУ кои ќе ја преиспитаат политиката на Унијата во однос на санкциите кон Русија./крај/мф/сн
Извор: YahooNews
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.