Европа
УНИЦЕФ: Не е доволно светот да се шокира од бегалската криза, потребна е акција
Трогателните слики од детските тела исфрлени на бреговите на Европа ја шокираа светската јавност, но не е доволно светот само да се шокира, потребен е одговор преку акција, порачал извршниит директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк.
„Со продлабочувањето на мигрантско-бегалската криза во Европа, ова нема да бидат последните шокантни слики што се шират низ светот преку социјалните медиуми, на нашите телевизиски екрани и на насловните страници на весниците. Но, не е доволно само светот да се шокира од ваквите слики. На шокот мора да се одговори со акција. Затоа што маката на овие деца не е ниту по нивни избор, ниту во нивна контрола. Тие имаат потреба од заштита. Тие имаат право на заштита“, изјавил Лејк.
Како одговор на бегалската криза, според УНИЦЕФ, потребно е да преземат низа мерки, меѓу кои и заштита на овие деца преку обезбедување основни услуги во секое време – вклучувајќи здравствена заштита, храна, емотивна поддршка и образование – и соодветно засолниште за мигрантите и бегалците, во кое семејствата ќе останат заедно.
Од УНИЦЕФ исто така сметаат дека треба да бидат распоредени и соодветен број на обучени експерти за заштита на децата заради поддршка на децата и нивните семејства, како и продолжување со потрагите и спасувачките операции – не само на море, туку и на копно, додека семејствата се движат низ земјите – и вложување на сите напори за да се спречи злоупотребата и експлоатацијата на децата-мигранти и бегалци.
Според светската организација, најдобрите интереси на децата треба да се стават на прво место при сите одлуки – вклучувајќи и во случаите на азил.
„Нашите срца денеска се со семејствата кои ги загубија децата – во близина на брегот, на самиот брег и на патиштата во Европа. Додека продолжуваат дебатите за политиките, никогаш не смееме да ја изгубиме од вид длабоко човечката природа на оваа криза. Ниту да ги изгубиме од вид децата. Ниту големината на оваа криза. Најмалку една четвртина од оние кои бараат засолниште во Европа се деца – во првите шест месеци од оваа година, повеќе од 106.000 деца побараа азил во Европа. И никогаш не треба да заборавиме што се крие зад многуте приказни на семејствата кои бараат засолниште во Европа: ужасни конфликти, како оној во Сирија, кои веќе принудија околу 2 милиони деца да ја напуштат својата земја. Само ставањето крај на овие конфликти може да донесе крај за страдањата на толку многу луѓе“, заклучил Лејк./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.