Европа
Утврдена врска на напаѓачот во Франција со Сирија, но можен е личен мотив
Француската полиција утврдила поврзаност на сторителот на терористичкиот напад од петокот со Сирија, меѓутоа директните мотиви за злосторството сé уште не се јасни.
Јасин Сали, француски државјанин кој се смета за џихадисти признал дека го убил и му ја отсекол главата на својот работодавач, а испратил селфи фотографии во Сирија коишто ги сними со отсечената глава на жртвата, со која бил во кавга. Претходно во неделата беше откриено дека таквите фотографии од својот мобилен телефон Сали ги испратил на број во Канада, но постоеја сомневања дека станува збор за посреден број, пред пораката испратена преку сервисот whatsapp да биде пренасочена до друга дестинација.
Грозоморната фотографија, како што утврдиле иследниците, била испратена всушност во ирачко-сириските џихадистички зони и сметаат дека преку неа го идентификувале францускиот џихадист кој е меѓу 473-цата кои во моментов се наоѓаат на тамошните боишта. Станува збор за маж кој е идентификуван на Себастиен Јуне кој во ноември 2014 година отпарувал во Сирија, во покраината Рака, каде што требало да се бори во редовите на Исламската држава, според извори од истрагата.
Засега ниеден извор не покажал дека и самиот 35-годишне Јасин Сали патувал во Сирија, иако француските разузнавачки служби го ставиле под надзор во периодот меѓу 2006 и 2008 година, поради негово радикализирање. Бил осомничен дека одржува врски со радикалното салфистичко движење, но случајот бил отфрлен во 2008 година.
Сали беше уапсен во петокот во близина на Лион додека се подготвувал да го крене во воздух хангарот во постројката за индустриски гас во сопственост на американска компанија. Осомничениот го признал убиството на единствената жртва во овој напад, својот работодавец 54-годишниот Ерве Корна.
Иако извршувањето на злосторството и испраќањето на споменатата снимка наликува на егзекуциите коишто ги извршуваат џихадистите на Исламската држава, првите елементи од истрагата откриени во неделата упатуваа и на можноста дека во изборот на жртвата има и лична димензија, Имено, два дена пред убиството, Сали кој работел како доставувач, испуштил вреден материјал, според сведоштвото на еден колега, на што му приговорил Корна, кој инаку бил шеф на транспортна фирма, по што дошло до кавга.
Во понеделникот продолжува испрашувањето на Сали во седиштето на француската антитерористичка полиција во близина на главниот град Париз, и неговиот притвор може да трае 96 часа пред да биде изведен пред судија. Неговите сопруга и сестра, коишто исто така беа уапсени во петокот, во меѓувреме се пуштени на слобода./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.