Европа
Варшава и Брисел преговараат во врска со реформата на полскиот Уставен суд
Преговорите меѓу Брисел и конзервативната влада на Полска се „во тек“ за Варшава да не добие опомена поради состојбата на владеењето на правото во државата, соопштија извори од Европската комисија.
„Се водат во моментов преговори за да се пронајде решение“, изјавила во понеделникот вечерта за AFP портпаролката на Европската комисија додавајќи дека 23-ти мај беше крајниот рок до кога Варшава мораше да одговори на загриженоста на Брисел поради реформите во полскиот Уставен суд која поттикна сериозна криза во Полска.
Разговорите уште траат во понеделникот доцна ноќта, рекла портпаролката, без да ја открие нивната содржина.
Европската комисија минатата среда објави дека „најдоцна до 23-ти мај“ ќе го објави „мислењето“ кое ќе предупреди на состојбата со владеењето на правото во Полска, доколку Варшава дотогаш не ја отстрани нејзината загриженост.
„Сé додека полскиот Уставен суд е спречуван во спроведувањето на вистинската уставна контрола, нема да може ефикасно да надгледува дали законските акти одговараат на основните права“, истакнаа од ЕК.
Полската премиерка Беата Шидло остро возврати, истакнувајќи дека нејзината влада „никогаш нема да попушти пред уцените“. Полскиот парламент, пак, ја повика владата „да се спротистави на секое делување насочено против државниот суверенитет“.
Објавувањето на мислењето на ЕК ќе биде нова етапа во досега невидената процедура на Брисел против Варшава која на крајот може да заврши со санкции, како што е одземањето на правото на глас во Советот на ЕУ кој ги застапува 28-те земји членки.
„Тоа мислење е предупредување на земја членка и се дава можност таа да реагира“, наведува ЕК.
Доколку ЕК не биде задоволна од одговорот на Полска на нејзината препорака, може да ја покрене „процедурата од членот 7“, кој овозможува казнување на земјата која не ги почитува европските демократски вредности./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.