Европа
Во Келн десетици илјади Курди протестираа против Ердоган
Десетици илјади Курди коишто живеат во Германија протестираа во саботата во Келн против турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган по турската офанзива во северна Сирија со којашто Анкара сака да го спречи проширувањето на териториите кои се под контрола на сириските Курди, и бараа ослободување на курдскиот лидер Абдулах Оџалан.
Според извештајот на германската новинска агенција DPA, на протестот во Келн присуствувале 30.000 луѓе, што се совпаѓа со најавите на организаторите. Во разговор за француската агенција AFP, портпаролката на келнската полицијата не сакала да ја потврди оваа бројка.
Собирот кој започнал уште претпладнето минал без инциденти, рекла портпаролката на полицијата, која за овој настан мобилизирала илјада свои припадници за да спречи евентуални судири со припадниците на турската заедница.
Во Германија живеат и голема турска заедница, се проценува на околу три милиона, и голема курдска заедница којашто е најголема во Европа и брои околу милиони припадници.
Курдските демонстранти, меѓу кои многумина носеа фотографии на курдскиот водач Абдулах Оџалан, бараа негово ослободување од затвор. Историскиот водач на забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан (PKK) е во затвор од 1999 година.
Во октомври 2012 година турските власти започнаа мировни преговори со лидерот на РКК, Абдула Оџалан, кој е заточен на доживотна робија откако беше уапсен и грабнат од припадниците на турските тајни служби во Кенија во февруари 1999 година. Во јуни истата година, тој беше осуден на смрт за тероризам и предавство и затворен на островот во Мраморно Море. Казната подоцна под притисок на меѓународната заедница беше заменета со доживотен затвор без право на помилување на островот Имрали во Мраморното Море јужно од Истанбул, откако под притисок на меѓународната јавност му беше заменета смртната казна. Со овие преговори требаше да се дојде до решавање на триесет ипетгодишниот турско-курдски судир за автономија на Курдите во кој загинаа над 40 илјади луѓе.
Учесниците на саботниот протест во Келн, исто така, ги критикуваа чистките кои се спроведуваат во Турција по неуспешниот обид за воен преврат од ноќта од 15-ти кон 16-ти јули од страна на фракција во турската армија и ги осудија минатонеделните напади врз милициите на Курдите во Сирија. Анкара, којашто својата граница кон Сирија сака да ја исчисти од присуството на ултрарадикалната суниска организација Исламска држава, истовремено сака да ги спречи Сириските демократски сили (SDF), сојуз кој го поддржуваат САД а во кој најголемата ударна сила која претставува моќната курдска милиција YPG, која ја смета за блиска на PKK, да создадат непрекината автономна област по должината на северната турска граница со Сирија.
Кон крајот на јули, исто таа, во Келн се одржа собир на кој учествуваа повеќе од 40.000 луѓе, кои му изразија поддршка на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, по неуспешниот обид за пуч. Но тогаш германскиот уставен суд забрани видео обраќање на Ердоган до учесниците на собирот, што беше причина за новите тензии на релација меѓу Берлин и Анкара, откако германските пратеници претходно во јуни годинава изгласаа резолуција со којашто масакрот на Ерменците во Османлиското царство во текот на Првата светска војна го карактеризираа како геноцид, што ја разгневи Турција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, варварска кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле масакрите во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа „Запорожје“ и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментот разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата варварска кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
В недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа пригода партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови што гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според „Ројтерс“, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу, е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, а анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Одѕивот на општите и локалните избори е многу висок во Турција, речиси 90 проценти. Минатиот мај Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според „Ројтерс“, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 града во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, а буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. В недела Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.