Европа
Во пад на грчки воен авион во Шпанија десет загинати
Осум Французи и двајцата грчки пилоти загинаа во падот во понеделникот вечерта на борбениот авион „F-16“ на грчката воена авијација во базата Лос Љанос, во југоисточната шпанска покраина Албасете, а уште 13 лица се ранети, потврди шпанскиот премиер Маријано Рахој.
Авионот на грчките воздухопловни сили учествувал во воената вежба за Програмата за тактичко водство (Tactical Leadership Programme), и изведувал тренажен лет, но за време на полетувањето не успеал да ја достигне потребната височина и се урнал на земјата во област каде имало и други авиони. Неколку од нив се оштетени.
„Изгледа дека меѓу загинатите се двајца грчки и осум француски државјани“, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахоја во директното јавување за телевизијата Telecinco. Додаде дека информациите ги добил од министерот за одбрана Педро Моренес и додаде дека има многу повредени. „Се споменуваат десет Французи и единаесет Италијанци“, прецизираше Рахој.
Подоцна за шпанските медиуми портпаролот на шпанското министерство за одбрана прецизираше дека во падот на грчкиот борбен авион за време на вежбата на НАТО на полигонот во Албасете, 262 километри југоисточно од главниот град Мадрид, загинале десет а повредени се тринаесет лица, но не прецизираше од кои националности се.
„Шокиран сум од трагичната несреќа во воздухопловната база Лос Љанос. Сочувствувам за загубите на животите и им пожелувам брзо заздравување на повредените“, напиша шпанскиот премиер на својот Twitter профил.
На местото на трагедијата се појави министерот за одбрана Педро Моренес, претставничката на локалната администрација на областа Кастилја-Ла-Манча, Марија Долорес де Коспедал, началникот на штабот на Воздухопловните сили на Шпанија, Хавиер Гарсија Арнаис.
На вежбите коишто започнаа на 19-ти јануари и треба да траат до 13-ти февруари, учествуваат 750 војници од девет земји членки на Белгија, Велика Британија, Германија, Грција, Данска, Италија, Франција, Шпанија и САД. Програмата за обука на пилотите на Алијансата во спомнатата база во Шпанија се спроведува од 2009 година, а дотогаш се одржуваше во Белгија. Уривањето на грчкиот авион е првиот инцидент кој се случил во рамките на оваа програма на НАТО сите изминати години.
Падот на грчкиот „F-16“ е најтрагичниот инцидент на територијата на Шпанија во која е инволвиран воен авион, откако во 1984 година во покраината Сарагоса се урна американски „Hercules“ при што загинаа 17 Американци и еден Шпанец./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои освен германско државјанство имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање на воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“ во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.