Европа
Во поплавите во Европа вкупно 18 мртви
Во поплавите предизвикани од силните дождови последните денови во Франција загинале четири лица а 24 се повредени, изјави во саботата францускиот премиер Мануел Валс со што вкупниот број жртви од поплавите во Европа се зголеми на 18.
Водостојот на Сена започна да паѓа во саботата утрото во Париз, првпат по една седмица, и во шест часот бележел 6,07 метри, откако претходната ноќ достигна 6,1 метар, објавија надлежните служби.
Се чини дека за француската престолнина опасноста од поголеми поплави е се помала. По осум часа постојан раст, Сена се врати на нивото од петокот вечерта. Засега нивото на водата е под онаа од 1982 година од 6,18 метри, и далеку под рекордот од 1910 година од 8,62 метри.
Мерките за претпазливост прогласени претходно седмицата остануваат и натаму на сила, музеите Лувр и Орсеј останаа затворени, а скапоцените уметнички колекции се евакуирани, бродовите за туристички пловења по Сена остануваат приврзани на доковите, а подигнати се и речните барикади.
Париз е релативно поштеден, додека во остатокот од земјата има потешки последици од поплавите и вкупно 20.000 луѓе се евакуирани од своите домови. Околу 17.000 куќи во саботата кон средината на денот уште беа без електрична енергија. Поради големите материјални штети прогласена ќе биде природна непогода, вети претседателот Франсоа Оланд. Осигурителни компании ја проценуваат штетата на најмалку 600 милиони евра.
„Поплавите беа катастрофални за железничката мрежа, особено поради одроните на линиите“ истакна Гијом Пепи, претседател на француските железници SNCF.
Шеесетгодишна жена е пронајдена мртва во Минтагри, 120 километри јужно од Париз. Во четвртокот водите однесоа 74-годишен јавач триесетина километри од Париз, а неговиот коњ успеал да се качи на возвишување. Околностите на уште два смртни случаи не се соопштени.
Во Германија, каде што исто така се забележува смирување на временските состојби, 11 луѓе смртно настрадале од почетокот на седмицава во невремето, Седум од жртвите се во Баварија а четири во Баден-Витенберг, во југозападниот дел од земјата.
На југот од Белгија пријавена е една жртва, одгледувач на пчели.
Поплави ја зафатија и Романија, јаде што властите објавија дека се удавиле двајца мажи на истокот од земјата./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Два питбула убија 13-месечно дете, трагедија во Италија
Утрово, во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула го нападнале тринаесетмесечното момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата ги повредиле и нив. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брзата помош, сопствениците на кучињата биле познајници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот на семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот, се преселила во Камполонго, каде што изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата, кои живееле во друг дел од двокатната зграда, пишува „Салерно кориере“.
Според соседите, кучињата досега не покажале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте, изјави дека администрацијата ќе ги сноси трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година Министерството за здравство донесе правилник во кој беше вклучен список на раси што се сметаат за опасни, но оваа одредба подоцна беше укината.
Европа
Европа се загрева најбргу: објавен алармантен извештај
Заедничкиот извештај објавен од „Коперник“ (Службата за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) откри загрижувачки нови податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.
Европа е континентот што најбргу се загрева, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.
Стапката на смртност од топлина е зголемена 30 % во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот, како што објави „Гардијан“.
Според извештајот, температурите во Европа биле над просекот 11 месеци минатата година вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата, имаше големи пожари, кои ги опустошија селата и ги задушија жителите на градовите.
Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји, како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгореа 96.000 хектари шума, се вели во извештајот.
Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година Европа беше околу 7 % повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од највлажните години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на „Коперник“.
Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северозападна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, а поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на продолженото лето од јуни до септември.
На врвот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постојните здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.
На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостигот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително се топат. Во последните две години алпските глечери изгубија околу 10 % од преостанатиот волумен.
Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува сè повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не мора секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.
Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на смртни случаи поврзани со топлина, но се знае дека имало 70.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина во 2022 година. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина веројатно ќе биде поголем во 2023 година“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.
Европа
Напад во Русија, двајца полицајци загинаа, еден повреден
Двајца полицајци се убиени, а еден е ранет кога неидентификуван напаѓач нападнал руска полициска единица во градот Карачаивск во Карачаевско-Черкезија, во Северен Кавказ, соопшти регионалниот оддел на Истражниот комитет на Русија.
Како што се наведува, денеска, непознато лице со огнено оружје пукало неколкупати во полициски одред во градот Карачајевск, а потоа напаѓачот ги украл службеното оружје и муницијата на полицијата, пренесува „Интерфакс“.
Потрагата по напаѓачот е во тек.