Европа
Во Rolex лути за изјавите на италијанските политичари
Произведувачот на луксузни часовници „Rolex“ побара во средата извинување од италијанскиот премиер и министерот за внатрешни работи поради изјавите дека насилните демонстранти кои минатата седмица демолираа делови од Милано биле „богати разгалени деца со Rolex-и“.
Компанијата закупи цели страници во најголемите италијански дневни весници за да го спречи натамошното оцрнување на блескавата слика за „Rolex“ кој ги спонзорира големите спортски натпреварувања, а голема сума издвои и за славната миланска оперска куќа „Ла Скала“.
Во обраќањето пред парламентот за протестите кои избувнаа по повод отворањето на Експо во Милано, министерот за внатрешни работи Анџелино Алфано рече дека „на улиците видов гадови во качулки, како и богати разгалените детишта со Rolex-и“.
Директорот на „Rolex“ за Италија, Џанпаоло Марини, напиша во отвореното писмо во весниците дека нискиот квалитет на фотографиите оставил многу високо сомневање во тоа дека демонстрантите навистина носеле часовници од неговиот бренд, како и дека не може д се каже дека, доколку и имаат часовници од ваа марка, дали станува збор за евтини копии кои може да се купат на секоја италијанска улица.
Марини го осуди како неприфатливо поврзувањето на сликите на „Rolex“ со уништувањето во Милано и со светот на насилството./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот државен обвинител бара прекин на истрагата против сопругата на Санчез
Шпанскиот државен обвинител, назначен од кралот по препорака на владата, денеска побара од судот во Мадрид да ја затвори истрагата за корупција против сопругата на премиерот Педро Санчез бидејќи „нема индиции за кривично дело“.
Судијата во Мадрид вчера пријавил дека отворил прелиминарна истрага за 59-годишната Бегоња Гомез. Сопругата на премиерот беше пријавена кај судијата од синдикатот Манос Лимпиос (Чисти раце) врз основа на медиумските извештаи дека давала препораки со нејзин потпис на претприемачи кои се пријавиле на јавни тендери. На овој начин, било наведено во пријавата, таа ја искористила својата позиција и влијание за да можат блиските луѓе да добијат јавни пари и работа.
Организацијата Манос Лимпијас претходно изјави дека својата тужба ја заснова на медиумски извештаи и дека не може да гарантира за нивната вистинитост, а шефот на организацијата, Мигел Бернад, рече дека извештаите биле проследени до судијата од „граѓанска должност“ и негираше дека акцијата била политички мотивирани.
Во 1980-тите, Бернад се натпреваруваше на два европски избори како кандидат на екстремно десничарскиот Национален фронт во 1980-тите.
Манос Лимпијас одлучи да побара од судот да отвори истрага за бизнисот на Гомез откако обвинителите не постапија самоиницијативно, а истражниот судија ќе одлучи дали медиумските извештаи се точни или не, рече тој.
Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес, според пријавата, добила 10 милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Тој претприемач подоцна основал постдипломски курс кој го водела Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид.
Во извештајот се споменува поврзаноста на сопругата на премиерот со туристичката компанија Globalia, која беше спонзор на едукативниот центар „Africa Centre del Instituto de Empresa“ управуван од Гомез. Шпанската влада со 600 милиони евра народни пари ја спаси „Air Europa“, во сопственост на Globalia.
Државното правобранителство испрати жалба до судот во Мадрид, во која се наведува дека нема „индиции дека сторила кривично дело“, објави радиото Ла Секста.
Европа
Лукашенко: Опозицијата и НАТО планираат напад врз Белорусија, ни треба нуклеарно оружје
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја се соочува со сериозни внатрешни и надворешни закани поради кои треба да го промени својот безбедносен став и да и дозволи на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.
Лукашенко, без да обезбеди докази, рече дека белоруската опозиција планира да окупира дел од западот на земјата и да побара поддршка од трупите на НАТО, тврдење што опозицијата го отфрли, нарекувајќи го апсурдно.
На истиот состанок, Иван Тертел, шеф на белоруската безбедносна служба КГБ, рече дека неговите оперативци спречиле напади врз главниот град Минск со беспилотни летала лансирани од членката на НАТО Литванија, но таа земја негира дека организирала каков било напад.
Тертел, исто така, тврди дека белоруските безбедносни сили секојдневно се обидуваат да спречат постојани обиди за шверц на оружје од Украина во Белорусија „со цел таму да извршат саботажа и терористички напади“.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, често ги истакнува опасностите од нападите на НАТО или Украина, со што ја оправдува блиската воена интеграција со Русија и постојаното одржување на одбранбениот и безбедносниот апарат во состојба на висока готовност.
Лукашенко зборуваше на состанокот на Белорускиот национален конгрес, уставно тело составено од 1.200 пратеници. На состанокот треба да се одобри ажурираниот концепт за национална безбедност и воената доктрина на Белорусија.
Државната новинска агенција Белта ја објави изјавата на Лукашенко дека „актуелната реалност бара промени во безбедносната положба на земјата“.
„Новата тема на Лукашенко е – нуклеарно одвраќање. Оние кои нè туркаат кон тоа треба да можат рационално да ги согледаат директните последици од нивните, најблаго речено, непромислени одлуки“, пишува Белта.
Руски Тасс ја пренесува изјавата на Лукашенко дека во Белорусија се распоредени „неколку десетици парчиња“ руско тактичко нуклеарно оружје во согласност со договорот што тој и Путин го објавија минатата година. Тоа е прв пат Русија да распореди нуклеарни ракети во странска земја од советската ера.
Белоруската опозиција, од кои повеќето лидери се во затвор, а останатите побегнаа во странство, ја исмеа изјавата на Лукашенко дека планираат да окупираат дел од западот на земјата.
„Мислам дека Лукашенко треба да биде коментиран од психотерапевт бидејќи тој живее во свој свет и се чини дека губи допир со реалноста“, рече Франак Виацорка, главен соработник на прогонетиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја.
„Овој конгрес е негов очајнички обид некако да ја врати сопствената доверба, но и да му покаже на надворешниот свет дека сè уште има поддржувачи. Се разбира, најлесниот начин да ги консолидира своите поддржувачи е да создаде чувство дека има надворешни непријатели“, изјави Виацорка за Ројтерс.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.