Европа
За Путин изборните резултати се рускиот одговор на надворешниот притисок
Резултатите од неделните парламентарни избори укажуваат дека граѓаните имаат доверба во партијата Единствена Русија и владата, и освен тоа тие се реакција на граѓаните на притисокот однадвор и обидот да се дестабилизира ситуацијата во земјата однатре, изјави во понеделниот рускиот претседател Владимир Путин, на состанокот со кабинетот на министри.
Путин ја започнал средбата со членовите на владата со благодарност до граѓаните кои учествувале на изборите, „кои го изразија својот став во однос на она што се случува кај нас, покажаа одговорност и ја изразија својата позиција на овие избори“.
Генерално се смета дека одѕивот на избирачите на овие избори бил слаб, што се толкува како слабеење на ентузијазмот кај владејачката партија, заситеноста на гласачите и апатија поради преслабата опозиција и лошата економска состојба во услови на најдолготрајната рецесија во последните 16 години, откако на власт дојде Путин.
Иако вкупниот број освоени гласови за Единствена Русија го надминува оној од 49 отсто на изборите во 2011 година, се забележува дека одѕивот во неделата бил слаб, особено во големите градови Москва и Санкт Петербург, имено гласале 47,8 отсто од избирачите наспроти 60 проценти пред пет години.
Путин, исто така, ги оценил резултатите на неговата партија Единствена (Обединета) Русија како добри, истакнувајќи дека тој успех е постигнат во атмосферана тешкотиите во економијата и намалување на реалните приходи на населението.
„Во услови на ваквите тешкотии, зголемената неизвесности, ризиците, луѓето безусловни избираат таканаречена стабилност и доверба во водечката политичка сила, имаат доверба во владата којашто ја поддржува Единствена Русија во парламентот, дадоа доверба сите ние да дејствуваме професионално и во интерес на граѓаните“, рекол Путин.
Да се слушаат и да се слушнат сите политички сили
Рускиот претседател додал дека резултатите од изборите на 18-ти септември биле реакција на Русите на надворешните притисоци, како што се санкциите воведен од 2014 година од ЕУ и САД во врска со наводната улога на Москва во украинската криза, и обидот да се дестабилизира ситуацијата во земјата однатре, и притоа повикал да се изведат заклучоци од тоа.
„Во внатрешната политика, бездруго, ние мора да ги слушаме и слушнеме сите политички сили, вклучително и оние кои не влегоа во парламентот. Мораме, и ќе го развиваме повеќепартискиот систем во Русија, ќе го поддржуваме граѓанското општество, вклучувајќи ги патриотските ориентации и невладините организации“, рекол Путин.
Кога станува збор за надворешната политика, пак, според рускиот претседател, Русија ќе продолжи со балансираната политика во насока на соработка со сите партнери без никакви знаци на агресија, но во строга согласност со своите национални интереси и одбранбената способност на државата.
Аванс од страна на народот
Зборувајќи за економијата и социјалните политика, Путин подвлекол дека е неопходно реформирање и фокусирање кон делот од населението кое има потреба од социјална поткрепа. Притоа повикал да не се дозволи префрлање на товарот од овие промени на грбот на граѓаните.
„Неопходно е да се ослободиме дури и од навестување од каква и да е шок терапија. Потребно е, не да се земат предвид просечните статистички податоци, туку реалната ситуација на руските семејства, и нивото на нивните приходи“, рекол Путин.
Подвлекол дека изборните резултати се само „аванс од страна на народот“, и оти тој „треба да се одработи“.
„Силно се надевам дека владата и новиот состав на парламентот ќе ги консолидираат заедничките напори, ќе работата на достигнување на целите за коишто зборував и, во прв ред, во интерес на руските граѓани“, заклучил Питин./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.