Европа
За Туск прв ветувачки предлог на Грција, Меркел очекува консултации

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави во понеделникот пред почетокот на кризниот самит на еврозоната за Грција дека Атина првпат во последните седмици го дала вистинските предлози, а германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека овој состанок на врвот може да биде само консултативен, а не и состанок од кој може да се очекува одлука.
„Некои ветувачки работи се случија и Грција првпат по неколку седмици ги даде вистинските предлози на кои уште треба да се работи“, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, додавајќи дека треба да се стори сé за да се избегне најлошото сценарио, односно „неконтролирано и хаотично“ излегување на Грција од еврозоната.
Пред почетокот на вонредниот самит на челниците на земјите од еврозоната, состанок одржаа и министрите за финансии на овие земји (Еврогрупата). Состанокот заврши без заклучоци, а новиот е најавен за среда и четврток, додека во меѓувреме ќе продолжат техничките преговори меѓу Грција и нејзините доверители, односно Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Грчкиот предлог за договорот со нови предлози за реформите беше испратен доцна ноќта во неделата, предоцна за да биде соодветно проценет на понеделничката средба, но според првичните оцени претставува солидна база за натамошни преговори.
Германската канцеларка Ангела Меркел беше извонредно куса во својата изјава при доаѓањето на самитот. „Откако состанокот на Еврогрупата не обезбеди основи за носење одлуки, денешниот самит може да биде само консултативен“, рече Меркел.
„Мојата цел е да биде постигнат договор до крајот на оваа седмица. Ќе работиме на тоа и дење и ноќе“, изјави, пак, челникот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Aвстрија: Наставниците позитивни на коронавирус, а без симптоми, ќе држат предавања

Министерот за образование на Австрија, Мартин Полашек, смета дека наставниците заразени од коронавирус, а кои немаат симптоми, треба да ги подучуваат учениците, пишуваат медиумите во регионот.
Полашек истакнал дека укинувањето на карантинот важи и за наставниците заразени со Ковид-19 и дека тие, како и вработените во други области, треба да работат, со обврска да носат маска ФФП2.
Тој нагласил дека постојат единствени правила на Министерството за здравство за сите вработени и дека тие мора да се применуваат и за педагозите.
„Доколку се појави нов вид, кој исто така е многу заразен и води до сериозни болести, правилата ќе треба да се преиспитаат“, објаснил тој.
Најавил дека конечните правила за есента ќе бидат објавени на 29 август.
Покраините во кои на 5 септември почнува новата учебна година најавиле дека нема да ги принудуваат заразените педагози да предаваат во училиштата.
Синдикатот на наставниците го критикувал министерот Полашек.
„Тешко е да се разбере дека децата што се позитивни на корона мора да седат во училницата, а наставниците што се заразени да предаваат“, изјавил претседателот на синдикатот, Пол Кимбергер.
Европа
Снимена руска нуклеарна подморницa; „Дејли мејл“: „Ова не сме го виделе од Студената војна“

Руската нуклеарна подморница, попозната како „ајкула“, била забележана на брегот на Норвешка откога била следена од ловецот на подморници, поморскиот патролен авион „посејдон П-8“, пишува „Дејли мејл“.
Сидарт Каушал од Кралскиот институт за Обединетите служби, за британскиот таблоид потврдил дека тоа е токму таа подморница.
„Во неделата вечерта го видовме ‘посејдон П-8’. Во понеделникот ги видовме сите бродови на НАТО и една подморница на површината. Можевме да го слушнеме разговорот на радиото меѓу бродовите и авионите и, дефинитивно, имаше британски акценти“, изјавил инженерот што го снимил видеото.
Ова е само еден од низата инциденти во последните неколку месеци. Имено, по влошувањето на односите меѓу Западот и Кремљ поради руската инвазија на Украина, на тој простор е забележано нагло зголемување на подводните патроли, пренесува медиумот.
„Тоа е игра на мачка и глушец меѓу патролите на подморницата и земјите низ кои минуваат“, рекол Каушал, кој верува дека подморницата видена покрај норвешкиот брег можеби е дел од руската северна флота, која се враќала од Денот на морнарицата, парада во Санкт Петербург.
Според медиумите, се анализира дека активноста на руските подморници е на нивоа што не биле забележани од Студената војна.
Сличен инцидент се случил и во јули кога британски воен брод на Кралската морнарица го надгледувал движењето на две руски подморници во областа. Од Министерството за одбрана не сакале да го коментираат последниот инцидент. „Вооружените сили на ОК и нивните сојузници редовно ги надгледуваат бродовите додека минуваат низ меѓународните води“, кусо изјавиле.
Европа
Европската опсерваторија за суша: Сушите ќе бидат посилни, почести и подолги

Најлоша суша во Европа во последните децении ги погодува домаќинствата, фабриките, земјоделците и транспортот во целиот континент, а експертите предупредуваат дека посувите зими и потоплите лета предизвикани од глобалното затоплување значат дека недостигот на вода ќе стане нова нормала.
Европската опсерваторија за суша пресметала дека до средината на јули испратени се предупредувања на дури 45 отсто од површината на Европската Унија, а 15 веќе се под црвена тревога, па затоа Европската комисија предупредува на критична ситуација во неколку региони, пишува „Гардијан“.
Оттогаш условите дополнително се влошија поради постојаните топлотни бранови што го погодија континентот, пишуваат медиумите.
Француската премиерка Елизабет Борн минатата недела активира кризна единица за борба против сушата, која националната метеоролошка канцеларија ја опиша како најлоша од почетокот на евиденцијата во 1958 година.
Повеќе од 100 француски општини немаат вода за пиење и се снабдуваат со цистерни, рече министерот за зелена транзиција, Кристоф Бечу, додавајќи: „Ќе треба да се навикнеме на вакви епизоди. Адаптацијата веќе не е опција, туку обврска“.
И додека цените на храната растат по руската инвазија на Украина, францускиот министер за земјоделство предупреди дека жетвата на пченка, најверојатно, ќе биде 18 отсто помала од минатата година, а синдикатите на фармерите велат дека недостигот на сточна храна предизвикан од сушата може да доведе до сериозен недостиг на млеко во зима.
Компанијата за електрична енергија ЕДФ минатата недела мораше да го намали производството во еден од своите нуклеарни реактори во југозападна Франција поради високите температури во реката Гарона и издаде слични предупредувања за реакторите по должината на реката Рона.
Резервите на вода во Шпанија се на најниско ниво од 40 отсто паѓајќи 1,5 отсто секоја недела поради зголемената потрошувачка и испарувањето, соопшти владата, предупредувајќи дека ова, најверојатно, ќе биде најсувото лето во последните 60 години.
Оваа земја, како што пренесува „Гардијан“, во последните три месеци забележала помалку од половина од очекуваното ниво на врнежи за овој период од годината, а воведени се и ограничувања од Каталонија на североисток до Галиција на северозапад, како и во западна Екстремадура и Андалузија на југ.
Повеќето ограничувања за користење на водата се наметнати од домаќинствата, а руралните власти честопати не сакаат да ги ограничат земјоделците, кои често незаконски го користат и онака намалениот ресурс и покрај фактот што девет десетини од искористувањето на водата во Шпанија оди за земјоделството.
„Студиите за климатските промени предупредуваат дека сушите ќе бидат поинтензивни, почести и подолги“, вели Нурија Хернандез-Мора, коосновач на фондацијата New Water Culture.
„Ова ќе стане новото нормално и ние продолжуваме да го оправдуваме зголеменото користење на ресурсите што ги немаме и кои стануваат сè поретки“, вели таа.