Европа
Заман: Крим не може да се врати во Украина
Иако Русија ги прекршила меѓународните закони со анексијата на Крим, овој полуостров не може да се врати во Украина, изјави во петокот чешкиот претседател Милош Земан.
Чешкиот претседател Милош Земан е еден од челниците во Европската унија кои се противеа на воведувањето на политичките и економски санкции под притисок на САД против Русија поради ситуацијата со Крим пред две години. Исто така, тој беше единствениот западен челник кој не попушти на притисоците од Вашингтон и Брисел и присуствуваше на воената парада минатата година во Москва на одбележувањето на 70-годишнината од победата над нацизмот во Втората светска војна.
„Анексијата претставува кршење на меѓународното право и нема никакви сомневања дека со анексијата на Крим е нарушен украинскиот територијален интегритет“, напиша Земан во одговор на прашање на читател на чешкиот политички портал Parlamentni listy.
„Од друга страна, пак, се согласувам со вас дека Хрушчов направил непростлива глупост и светските лидери денес признаваат дека Крим не може да се врати во Украина“, дополнува во одговорот претседателот на Чешката Република.
Имено, советскиот челник од украинско потекло Никита Хрушчов во 1954 година тогаш Автономната советска покраина Крим административно ја отцепува од Русија и ја впишува во составот на Украина.
Во извештајот агенцијата Reuters наведува дека Земан не навел за кои светски политичари станува збор, но факт е дека повеќе парламентарни групи од западноевропските земји, како Франција и Италија, во прв ред, повеќепати го посетија Крим.
Агенцијата, исто така, наведува дека чешката влада не ја следи политиката на шефот на државата, и истакнува дека таа го има главниот збор во водењето на надворешната политика на земјата кон Русија и ја спроведува заедничката европска политика.
Во октомври 1921 година e формирана Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република во составот на Руската советска федеративна социјалистичка република, а на 19-ти февруари 1954 година Кримската област со указ на генералниот секретар на Комунистичката партија, Никита Хрушчов, етнички Украинец, оваа област ѝ` е предадена на Украинската Советска Социјалистичка Република.
На Крим на 20-ти јануари 1991 година е одржан референдум за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република како одвоен субјект од поранешниот Советски Сојуз, на кој учествувале 1,4 милиони граѓани или 81,37 отсто од избирачкото тело. За обновување на автономната република гласале 93,26 отсто од избирачите. Врховниот совет на Украина на 12-ти февруари истата година усвои Закон за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република, а во јуни се вметнати соодветни амандмани во уставот на Украинската Советска Социјалистичка Република. Врховниот совет на Крим на 4-ти септември 1991 година ја усвои Декларацијата за државен суверенитет на републиката. Наредната 1992 година, на 26-ти февруари државата беше преименувана во Република Крим, а во мај истата година воведена е функцијата претседател на државата. Во март 1995 година украинскиот парламент и претседателот на Украина донесоа одлука за укинување на Уставот на Крим и функцијата претседател. Во декември 1998 година на сила стапи новиот Устав на Крим со ново име АР Крим во составот на Украина.
На референдумот од 16-ти март 2014 година распишан откако во Киев дојдоа новите власти, и особено по укинувањето на законот за јазиците, со кој рускиот јазик што на териротирјата на цела Украина како мајчин го наведуваат над 29 отсто, дури 96,77 отсто од излезените избирачи, а одѕивот на гласачите на полуостровот на кој живеат според пописот од 2014 година 65,2 отсто Руси, 16,0 отсто Украинци и 12,6 отсто кримски Татари, како и Белоруси, Татари, Ерменци и Евреи, изнесуваше повеќе од 80 проценти, се изјаснија за присоединување со Русија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.