Европа
Заврши референдумот во Шкотска, иднината на UK неизвесна
Шкотите во четвртокот гласаа за тоа дали ќе останат во Обединетото Кралство (UK) или ќе истапат од унијата стара 307 години на многу неизвесниот референдум кој може да има и глобални последици, особено во Европа, од кој резултатите треба да бидат познати во петок рано наутро.
Избирачките места беа затворени во 23 часот по македонско време, а анкетите упатуваат на тоа дека Шкотите биле многу поделени на референдумот кој внимателно го следеа британските сојузници, инвеститорите и сепаратистичките региони во земјата и во странство.Последните истражувања на јавното мнение даваа незначителна предност на поборниците на останувањето во рамките на Обединетото Кралство. Меѓутоа, одлуката беше во рацете на околу 600 илјади неодлучни избирачи од вкупно 4.285.323 избирачи регистрирани за гласањето што претставува околу 97 отсто од населението со над 16-годишна возраст, кои го започнаа гласањето утрото во 7 часот по локално време, односно во 8 по македонско.Последната анкета на интернет порталот What Scotland Thinks им даде предност на приврзаниците на унијата со 52 отсто, а приврзаниците на независноста имаа 48 отсто од гласовите. Сепак, таквата разлика во случај на вообичаената маргина на можна грешка би можела да значи дека Шкотите ќе тргнат во иднината по својот сопствен пат.Резултатите од референдумот ќе бидат објавени во петокот наутро кога ќе се соберат и пребројат сите гласови од сите делови на земјата којашто територијално претставува една третина од Велика Британија, а само 10 отсто од вкупното население. Меѓутоа, сигурен сигнал ќе бидат веќе делумните резултати од големите градови како што е Глазгов кој ќе бидат познати околу 6 часот по македонско време.Глазгов со повеќе од 486 илјади избирачи се смета за клучен град. Единбург и Абердин, кои заедно со Глазгов сочинуваат речиси четвртина од гласачкото тело, исто така, би требале да ги објават резултатите приближно во истото време.Британската кралица Елизабета Втора внимателно ги следи резултатите од референдумот за шкотската независност, изјави доцна ноќта кон петокот за медиумите претставник на Бакингемската палата. „Кралицата внимателно го следи референдумот за независноста на Шкотска , ја информираат за ситуацијата официјални лица во Лондон и во Единбург“, додал.Доколку Шкотите изгласаат независност на земјата, во Лондон сметаат, дека следниот чекор ќе биде да се постави прашањето на одржувањето на монархијата.Лично за кралицата, која во согласност со нејзиниот статус на уставен монарх за задржа неутралната позиција за време на кампањата, отцепувањето на Шкотска нема да има сериозни последици. Замоците коишто се нејзина лична сопственост, вклучително и во Балморал, ќе останат нејзина сопственост. Кралицата може, исто така, да добива приходи од имотите кои ѝ припаѓаат нејзе лично.Меѓутоа, имотите кои ѝ припаѓаат на круната, според сѐ судејќи, ќе ѝ припаднат на Шкотска. И ако претходно приходите од нив беа префрлувани во државната каса на Велика Британија, доколку Шкотите изгласаат самостојност, тие средства ќе станат сопственост на шкотската круна, и врз нив ќе полага право шкотскиот парламент./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.