Европа
Земан: Армијата на СССР во 1945 во Чехословачка дојде како ослободител
Чешкиот претседател Милош Земан продолжува да го предизвикува бесот на своите западни сојузници во време кога односите со Русија поради украинската криза се на најниското ниво од крајот на Студената војна, и во неделата за француското радио F1 изјави дека советските војници кон крајот на Втората светска војна во 1945 година во тогашна Чехословачка дошле како ослободители, и потврди дека за разлика од западните челници тој ќе присуствува на парадата во Москва на 9-ти мај.
Чешкиот претседател Милош Земан често е критикуван поради неговите ставови во врска со украинската криза кои се блиски на руските и поради несогласувањата со европските санкции против Русија. Тој во едно од претходните интервјуа призна дека поради таквите ставови, е опаднат неговиот рејтинг во Чешка.
„Советските војници во 1945 година дојдоа во Чехословачка како ослободители, и веќе есента истата година тие ја напуштија нашата земја“, изјави одговарајќи на новинарското прашање за тоа што некои публицисти сега тврдат дека советската армија во мај 1945-та не ја ослободил, туку ја окупирал Чехословачка. „Кој го тврди спротивното, тој елементарно не ја познава историјата“, додаде чешкиот претседател.
„Па во 1946 година Чехословачка одржа слободни избори, на коишто, за жал, победи комунистичката партија. За победата ние моравме да платиме“, дополни Земан.
Според него, тој на 9-ти мај ќе присуствува на одбележувањето во Москва на Денот на победата, не поради воената парада, туку за да им оддаде почит на 150-те илјади советски војници коишто загинале во борбите за ослободување на Чехословачка. Земјата домаќин, смета Земан, самата избира како најдобро ќе го одбележи вака значајниот настан, како што е 70-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.
За разлика од Земан, главните западноевропски челници, како францускиот претседател Франсоа Оланд и британскиот премиер Дејвид Камерон објавија дека нема да дојдат на церемонијата во Москва. Нема да биде присутен нити американскиот претседател Барак Обама, откако Белата куќа наведе дека тој во мај не планира никакво патување во Русија. Нема одговор ниту од Пентагон, чии претставници беа поканети да земат учество на парадата на Црвениот плоштад. Германската канцеларка Ангела Меркел, исто така, ја одби поканата, но дипломатски наведе дека ќе дојде во Москва еден ден подоцна, за да положи цвеќе. Полска, пак, сама ќе организира своја прослава.
Заман рече дека не ја знае точната програма за одбележувањето на 9-ти мај во Москва. „Можам да ве уверам дека никој од гостите нема да има посебна средба со Владимир Владимирович Путин, во најдобар случај ќе се ракуваме со него“, рече. Чешкиот претседател смета и дека можеби токму и поради тоа германската канцеларка Ангела Меркел ќе допатува во Москва следниот ден, за покрај церемонијата на полагање венец на гробот на Незнајниот војник, да оствари разговори со рускиот претседател.
„По парадата најверојатно ќе има традиционално фотографирање. И, можно, да има ручек, и тоа ќе биде сé“, рече Земан.
„Мојата посета на Москва е израз на благодарност за тоа што ние во Чешка сега не треба да зборуваме германски и да викаме ‘Хајл Хитлер!’ или ‘Хајл Хејдрих!“ (првиот човек на протекторатот Бохемија и Моравија во годините на нацистичката окупација на Чехословачка – з.м.). Во септември 1941-та Хејдрих во Прашкиот замок (резиденцијата на чешките кралеви и претседатели), рече дека Чесите на таа територија нема што да бараат“, рече уште Земан во интервјуто за француското радио.
Според неговата оцена, без советската армија нема да било можно да биде поразен Хитлер, а 20-те милиони жртви на сите граѓани на тогашниот СССР, кои загинале во воените години се „цената на таа победа“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Возачот на „Фликсбас“ осомничен за убиство од небрежност во Германија
Против возачот на автобусот кој вчера се преврте на германскиот автопат при што загинаа четири лица, а многумина беа повредени, се води истрага за убиство и нанесување телесни повреди од небрежност, соопштија од јавното обвинителство.
Портпаролот на канцеларијата не можеше да каже дали мажот (62) веќе бил сослушан.
Двокатниот европски превозник „Фликсбас“ со 54 лица, меѓу кои и двајца возачи, излетал од автопатот А9 во близина на Лајпциг во средата наутро и се превртел. Автобускиот оператор претходно пријавил дека во автобусот имало 55 лица. Полицијата соопшти дека загинале четири лица, а шест лица се тешко повредени, а 29 лица се полесно повредени.
Не се соопштени детали за здравствената состојба на повредените.
Инспекторите во моментов се фокусирани на утврдување на причините за несреќата. Сите повредени кои се наоѓаат во болница ќе бидат испрашани, доколку тоа им го дозволи здравствената состојба, изјави портпаролката на полицискиот штаб во Лајпциг како одговор на истрагата.
Ќе се нареди и извештај за анализа на автобуската несреќа, соопштија од јавното обвинителство. Првите резултати се очекуваат само за неколку недели.
Идентитетот на четворицата загинати се уште не беше утврден до четвртокот напладне.
„Се трудиме и се надеваме дека ќе можеме да дадеме информации за тоа во попладневните часови“, изјави портпаролката на полицијата.
Автобусот патувал од Берлин до Цирих.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.