Европа
Фон дер Лаен: Недостигаат валидни податоци за одобрување на руската вакцина „спутник В“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, верува дека Европа е добро подготвена за можна администрација на третата доза од вакцината против коронавирус и посочува дека недостигаат валидни податоци за одобрување на руската вакцина „спутник В“.
„Нарачавме 1,8 милијарда дози од ‘Фајзер’ до 2023 година. Тоа е најголемата порачка во светот и е доволно за спроведување можна трета доза од вакцинацијата во ЕУ“, објасни таа.
Кога станува збор за одобрување на руската вакцина „спутник В“ од Европската агенција за лекови (ЕМА), таа посочи дека овој процес е сѐ уште неизвесен.
„Досега производителот не можеше да достави доволно валидни податоци за да ја докаже безбедноста на вакцината“, објасни Фон дер Лаен додавајќи дека ова иницира голем број прашања.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Москва е свесна за кампањата на западните земји против руските вакцини против Ковид-19 и смета дека таа е неоснована.
„Забележавме неосновани напади на многубројни западни земји врз руските вакцини. Во исто време, би сакал да нагласам дека Рускиот фонд за директни инвестиции и експерти од Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија ‘Гамалеја’ веднаш дадоа детаљни одговори на сите конкретни прашања во врска со ова“, рече Лавров во интервју за рускиот весник „Комсомолскаја правда“.
Претходно, на вебинар за руската надворешна политика на 23 јули Лавров рече дека Русија е отворена за предлогот на Европската Унија за меѓусебно признавање на вакцините против Ковид-19 и сертификатите за вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.