Свет
Иранците слават победа
Иранскиот режим сè уште официјално не реагирал на „паузата“ на Доналд Трамп во американската операција за водење бродови низ Ормускиот теснец, која тој ја нарече „Проект слобода“.
Сепак, иранските медиуми веќе ја претставија оваа најава како голема победа за Иран. Новинската агенција Тасним пишува дека американскиот претседател се обидува да го „прикрие неуспехот“ на операцијата.
Новинската агенција ИРНА ја нарекува оваа најава пораз за Америка и наведува дека ова била последната карта на Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран испрати одговор на американски предлог за крај на војната преку пакистански посредници
Иран денеска испратил одговор на најновиот предлог на САД за завршување на војната, преку посредници од Пакистан, соопшти иранската државна новинска агенција ИРНА.
Според краткото соопштение, одговорот е веќе доставен, но не се објавуваат детали за неговата содржина.
ИРНА наведува дека во оваа фаза преговорите ќе бидат насочени кон „завршување на војната во регионот“, без дополнително објаснување за можните услови или барања на Техеран.
Тензиите во регионот ескалираа по нападите што САД и Израел ги започнаа врз Иран на 28 февруари. По тие настани следеше ирански одговор насочен кон Израел и американските сојузници во Персискиот Залив, како и затворање на стратешкиот Ормутски теснец.
Примирје стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, но разговорите во Исламабад не доведоа до траен мировен договор.
Подоцна, примирјето беше продолжено на неопределено време од страна на американскиот претседател Трамп, со цел да се отвори простор за дипломатски преговори и долгорочно решение на конфликтот.
Свет
Тајна израелска база во ирачка пустина откриена како логистички центар за операции против Иран
Израел уште во февруари изградил тајна воена база во пустинскиот дел на Ирак, со цел да ја поддржи својата воздушна кампања против Иран, објави „Wall Street Journal“, повикувајќи се на американски официјални лица и други извори.
Базата, според извештајот, била поставена непосредно пред почетокот на заедничките американско-израелски напади врз Иран на 28 февруари.
Во објектот биле сместени припадници на специјални сили, како и тимови за пребарување и спасување, чија задача била да реагираат во случај на соборени израелски авиони и евентуално спасување на пилоти.
„Wall Street Journal“ наведува дека базата служела како клучен логистички центар за поддршка на израелските воздушни операции.
Во почетокот на март, ирачки воени сили речиси ја откриле локацијата на базата, по што, според американски извори, израелските сили извршиле воздушни напади за да ги потиснат.
Во инцидентот загинал еден ирачки војник.
Локален овчар на 4 март забележал сомнителни активности, вклучувајќи летови на хеликоптери, и ги пријавил на ирачката армија.
Багдад: операцијата без координација
Ирак првично го обвини САД за инцидентот, но подоцна соопшти дека нападот бил извршен без координација или одобрување.
Ирачки воен претставник изјавил дека станува збор за сложена операција со воздушна поддршка, изведена надвор од вообичаените капацитети на локалните сили.
Аналитичари: пустината идеална за тајни операции
Во извештајот се наведува дека западната ирачка пустина е погодна за вакви бази поради слабата населеност и огромната површина.
Аналитичари за безбедност забележале и импровизирана писта на сателитски снимки, околу 180 километри југозападно од Карбала, што укажува на можни подготовки за воени операции.
Ирак со години се обидува да одржи баланс меѓу влијанието на Вашингтон и Техеран, додека проирански групи во земјата имаат значајно влијание и често се во конфликт со американските интереси.
Свет
ОАЕ: Пресретнавме два дрона од Иран
Противвоздушната одбрана на Обединети Арапски Емирати денеска пресретнала два дрона кои, според официјалното соопштение на Министерството за одбрана, пристигнале од Иран.
Станува збор за најнов инцидент во серијата напади насочени кон оваа нафтено богата заливска земја.
Властите во ОАЕ соопштија дека во изминатите неколку дена земјата била цел на повеќе напади од иранска територија, и тоа по период од околу четири недели релативен мир.
Тој мир, според извештаите, следел по најавата на САД за примирје во конфликтот со Иран.
Иранските власти ги негираат обвинувањата дека стојат зад најновите напади врз Емиратите, но воедно предупредуваат на „разорен одговор“ доколку ОАЕ преземат какви било воени акции против Иран.
Поради зголемените тензии и безбедносни ризици, дел од училиштата во ОАЕ привремено преминаа на онлајн настава.
Сепак, властите најавија дека учениците утре повторно ќе се вратат во училишните клупи, откако ситуацијата делумно се стабилизирала.
