Свет
Камала Харис: Однесувањето на Трамп е одвратно
Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, остро го критикуваше претседателот Доналд Трамп, обвинувајќи го за неодговорна политика и предупредувајќи дека неговите потези би можеле да доведат до воени злосторства и дополнително да ги загрозат американските војници.
Во серија објави на социјалната мрежа Threads, Харис рече дека Трамп се заканува дека ќе „уништи цела цивилизација“, нарекувајќи го неговото однесување „гнасно“ и без јасен план или стратегија за излез.
Во првата објава, таа истакна дека „претседателот на Соединетите Американски Држави се заканува дека ќе изврши воени злосторства и ќе ја уништи целата цивилизација, поради војна што ја започна самиот, без никаков план за нејзино завршување“. Таа додаде дека американските граѓани не ја поддржуваат таквата политика.
Остри критики
Потоа таа ги засили своите критики, обвинувајќи го Трамп за неодговорно лидерство кое „непотребно ги става нашите храбри војници во опасност, го оштетува глобалниот углед на САД и дополнително ги зголемува трошоците за живот за американските граѓани“. Таа ја повика јавноста да се спротивстави на конфликтот и финансирањето на она што го нарече „нелегална војна по избор“.
Како поранешен потпретседател и противник на Трамп на изборите во 2024 година, Харис останува значајно влијание во Демократската партија.
Во меѓувреме, Трамп рече дека ова е „одличен ден за светскиот мир“ откако САД и Иран се согласија на двонеделен прекин на огнот, под услов Техеран да им дозволи на бродовите да минуваат низ Ормускиот теснец. Претседателот додаде дека преговорите за долгорочен договор се „многу блиску до завршување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хегсет до Иран: Ве гледаме, ова не е фер борба
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, и генералот началници на Здружениот штаб на вооружените сили, Ден Кејн, одржаа прес-конференција во Пентагон за да упатат строго предупредување до раководството на Иран. Хегсет рече дека блокадата на иранските пристаништа и економскиот притисок ќе продолжат освен ако Техеран „не избере мудро“. Адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД задолжен за Блискиот Исток, исто така учествуваше на брифингот.
„Во меѓувреме, и колку што е потребно, ќе ја одржиме оваа успешна блокада. Но, ако Иран донесе лоша одлука, ќе се соочи со блокада и бомби што ќе паѓаат врз инфраструктурата, енергетските и електричните објекти“, рече Хегсет, додавајќи дека Министерството за финансии исто така „го зголемува економскиот притисок до максимум“.
„Ве повикувам да го изберете договорот што е на ваш дофат, за доброто на вашиот народ и целиот свет“, рече тој. Потоа, американскиот министер за одбрана ги отфрли иранските тврдења за контрола на Ормускиот теснец. Иако Иран сака „јавно“ да нагласува дека го контролира теснецот, Хегсет рече: „Не можете ништо да контролирате“.
Тој додаде дека „заканата од пукање“ врз трговски бродови „не е контрола, туку пиратство“. Хегсет, исто така, истакна дека САД го постигнуваат сето ова користејќи „помалку од 10 проценти од американската поморска моќ“. Тој, исто така, рече дека верува оти врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е ранет, но жив.
„Морнарицата на САД го контролира сообраќајот што влегува и излегува од теснецот затоа што имаме вистински средства и реални капацитети. Ја спроведуваме оваа блокада со помалку од 10 проценти од американската поморска моќ.
Математиката е јасна. Ние користиме 10 проценти од најмоќната морнарица во светот, а вие имате нула проценти од вашата. Тоа е вистинска контрола“, рече Хегсет, кој го започна брифингот со директно предупредување до Иран: „Ве гледаме“.
Тој рече дека иранската војска мора „мудро да избере“, потсетувајќи го Техеран дека „нашите капацитети не се исти“. „Запомнете, ова не е фер борба и знаеме каква воена опрема преместувате и каде ја преместувате“, рече тој, додавајќи дека САД само стануваат посилни, додека Иран ги „ископува“ преостанатите лансери и ракети што повеќе не можат да ги заменат.
Пит Хегсет ги обвини американските медиуми дека „навиваат само за едната страна“ и произведуваат „бесконечен поток ѓубре“. Секретарот за одбрана рече дека и покрај „историскиот и важен успех“ на САД, медиумите упорно известуваат негативно. „Понекогаш е тешко да се знае на чија страна се некои од вас навистина“, рече тој.
Хегсет вети дека САД се „подготвени за акција“. Генералот Ден Кејн продолжи со изјавата дека американската војска е „подготвена да ги продолжи големите борбени операции практично во секој момент“.
Свет
Папата Лав: „Светот е опустошен од неколку тирани“
Денес, папата Лав ги критикуваше светските лидери кои трошат милијарди евра за војни и рече дека светот е „опустошен од неколку тирани“ кои се преправаат дека не знаат дека е потребен само еден момент за да се уништи нешто, а повеќе од еден животен век не е доволен за да се обнови, објавува Ројтерс.
Папата ги критикуваше лидерите кои користат религиозен речник за да ги оправдаат војните, повикувајќи на итна промена во однесувањето додека им се обраќаше на верниците во најголемиот град во англофонскиот регион на Камерун, каде што тлеечкиот конфликт што трае речиси една деценија одзеде илјадници животи.
„Господарите на војната се преправаат дека не знаат дека е потребен само еден момент за да се уништи нешто, а понекогаш дури ни еден животен век не е доволен за да се обнови. Тие ги свртуваат очите од фактот дека милијарди долари се трошат за убивање и уништување, додека никогаш нема пари за здравство, образование и реконструкција“, предупреди папата.
Папата ги критикуваше нападите на САД и Израел врз Иран, објави британската агенција.
Надбискупот од Кантербери, Сара Мулали, рече дека ги поддржува напорите на Папата во неговиот смел повик за „царство на мирот“.
„Тешко на оние кои манипулираат со религијата и Божјото име за сопствена воена, економска и политичка добивка, влечејќи го она што е свето во темнина и нечистотија. Тоа е свет превртен наопаку, експлоатација на Божјото создание што секоја искрена совест мора да го осуди и отфрли“, рече папата.
Папата даде слична проценка минатиот месец, кога рече дека Бог ги отфрла молитвите на водачите чии „раце се крвави“, таргетирајќи го американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој користеше библиски апели за да ја оправда војната во Иран.
Свет
Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневно примирје кое ќе стапи на сила вечерва.
Трамп потврди дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека ова е десеттата војна што ја решава.
Во првиот разговор меѓу двајцата лидери откако Аун ја презеде функцијата, либанскиот претседател му се заблагодари на Трамп за неговите напори за постигнување мир и ја изрази својата желба за итно прекинување на непријателствата. Трамп ја повтори својата поддршка за Либан и својата посветеност на постигнување траен мир и стабилност, пренесуваат светските медиуми.
„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот за да се постигне мир меѓу нивните земји“, напиша Тармп, според светските медиуми.
Објавата, според написите, дојде откако претставниците на Израел и Либан се сретнаа во Вашингтон во вторникот, нивната прва официјална средба по 34 години. Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.
Претседателот на САД истакна дека ги задолжил највисоките американски претставници на понатамошна работа за постигнување траен мир. „Им наложив на потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб Ден „Разин“ Кејн, да работат со Израел и Либан за да се постигне траен мир“, рече тој.
Тој ја заврши својата објава со оптимистички тон. „Имав чест да решам девет војни низ целиот свет, а ова ќе биде мојата десетта. Затоа, да го направиме тоа!“
