Контакт

Свет

Кремљ го поздрави договорот: Се надеваме дека САД сега ќе имаат време за преговори со Украина

Објавено пред

Кремљ денес го поздрави двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран и изјави дека Русија се надева дека САД сега ќе имаат време и простор да продолжат со трилатералните мировни разговори за Украина.

Во разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека со задоволство ја примиле веста за прекинот на огнот.

„Ја поздравуваме одлуката да не се оди понатаму по патот на вооружена ескалација“, рече Песков.

На прашањето дали прекинот на огнот во Иран ќе олесни нови разговори за Украина, Песков рече: „Се надеваме дека во догледна иднина (САД) ќе имаат повеќе време и поголема можност да се сретнат во трилатерален формат“, осврнувајќи се на разговорите меѓу Русија, Украина и САД.

Русија претходно изјави дека мировните преговори за Украина се заглавени по избувнувањето на непријателствата во Иран.

Преговорите започнаа минатата година во Истанбул, а трилатералните разговори со САД се одржаа на почетокот на оваа година во Абу Даби и Женева.

Но, напредокот е бавен, главно поради територијалните спорови, пишува „Ројтерс“. Русија бара Украина да се откаже од остатокот од својот регион Донбас, но Киев одбива да ја предаде територијата што руските сили не успеаја да ја освојат во повеќе од четири години војна.

 

фото/Depositphotos



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет

Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан

Објавено пред

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневно примирје кое ќе стапи на сила вечерва.

Трамп потврди дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека ова е десеттата војна што ја решава.

Во првиот разговор меѓу двајцата лидери откако Аун ја презеде функцијата, либанскиот претседател му се заблагодари на Трамп за неговите напори за постигнување мир и ја изрази својата желба за итно прекинување на непријателствата. Трамп ја повтори својата поддршка за Либан и својата посветеност на постигнување траен мир и стабилност, пренесуваат светските медиуми.

„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот за да се постигне мир меѓу нивните земји“, напиша Тармп, според светските медиуми.

Објавата, според написите, дојде откако претставниците на Израел и Либан се сретнаа во Вашингтон во вторникот, нивната прва официјална средба по 34 години. Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.

Претседателот на САД истакна дека ги задолжил највисоките американски претставници на понатамошна работа за постигнување траен мир. „Им наложив на потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот генералштаб Ден „Разин“ Кејн, да работат со Израел и Либан за да се постигне траен мир“, рече тој.

Тој ја заврши својата објава со оптимистички тон. „Имав чест да решам девет војни низ целиот свет, а ова ќе биде мојата десетта. Затоа, да го направиме тоа!“

Прикажи повеќе...

Свет

Маѓар до партијата на Орбан: Ќе пожнеете што сте посеале, нема ништо да ви заборавиме

Објавено пред

Победникот на унгарските избори, Петер Маѓар, ѝ порача на владејачката партија Фидес, предводена од поранешниот премиер Виктор Орбан, дека нема да избега од одговорност за политиките што ги водеше во последните години.

„Им го кажувам ова на лидерите на Фидес: без разлика колку се преправате дека ништо не се случило, ние знаеме што сте им направиле на нашата татковина и на унгарскиот народ. Не се сомневајте ни за момент – ќе пожнеете што сте посеале“, напиша Маѓар на социјалната мрежа Икс.

Маѓар извојува убедлива победа со својата партија Тиса на изборите во неделата, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан. Тоа е еден од најголемите политички пресврти во модерната унгарска политика, а се очекува да се формира нова влада предводена од Маѓар.

Агенциите велат дека неговата кампања била фокусирана на борба против корупцијата и демонтирање на системот што Фидес го градеше повеќе од една деценија, со силна поддршка од градските гласачи и помладите генерации.

По победата, Маѓар за прв пат се појави на унгарските јавни медиуми, на кои не беше поканет за време на кампањата. Прво се појави на радио Кошут, а потоа во емисија во живо на телевизијата М1, каде што остро го критикуваше начинот на кој функционираат државните медиуми.

„Веднаш ќе ја суспендираме оваа лажна информативна програма што се одвива тука и ќе воспоставиме независни, објективни и непристрасни услови“, рече тој, додавајќи дека тоа е „фабрика на лаги“ што ќе престане со работа по формирањето на новата влада.

Потоа уште поостро ја критикуваше ситуацијата со медиумите: „Ќе создадеме услови за објективни и непристрасни медиуми. Знаеме дека нема совршени медиуми, но она што се случува тука од 2010 година би го натерало Гебелс или севернокорејски диктатор да си ги лиже усните. Ниту еден вистинит збор не е кажан и ова не може да продолжи“, рече Маѓар.

Маѓар повтори дека неговата влада ќе ги исполни клучните услови за деблокирање на европските средства, вклучително и приклучување кон Европското јавно обвинителство, враќање на независноста на институциите и медиумите и укинување на државната пропаганда.

Тој исто така тврдеше дека претходната влада трошела околу 600 милијарди форинти годишно за „лажна пропаганда“ и најави зајакнување на академските слободи и универзитетската автономија.

Прикажи повеќе...

Свет

Европа би можела да остане без гориво за авиони за шест недели, предупредува директорот на Меѓународната агенција за енергија

Објавено пред

Европа би можела да остане без гориво за авиони за само шест недели, предупреди денес директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол и посочи на сè посериозните последици од кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот теснец.

Во интервју за АП, Бирол оцени дека блокадата на клучниот морски пат за транспорт на нафта би можела да предизвика „најголемата енергетска криза со која некогаш сме се соочиле“, со предупредување дека последиците за глобалната економија ќе бидат потешки колку подолго трае кризата.

Според него, прекините во снабдувањето веќе водат до зголемување на цените на горивото, гасот и електричната енергија, при што одредени региони ќе бидат погодени повеќе од другите.

Тој претходно предупреди дека недостигот дополнително ќе се продлабочи во април, кога загубите во снабдувањето со нафта би можеле да бидат двојно поголеми од март, објавува CNN.

Бирол изјави дека последиците би можеле да бидат зголемување на инфлацијата и забавување на економскиот раст, особено во земјите во развој, со можност за воведување рационализација на енергијата во одредени земји.

Главниот економист на „Ристад енерџи“, Клаудио Галимберти, за Си-Ен-Ен изјави дека понатамошниот развој на ситуацијата во авиоиндустријата ќе зависи од тоа колку нафта и деривати ќе можат да поминат низ Ормускиот теснец.

Економистот на холандската банка ING Рико Луман истакна дека некои танкери веќе се запрени, што значи дека испораките од регионот на Блискиот Исток практично се запрени и дека е потребно итно да се најдат алтернативни извори на снабдување.

Кризата доаѓа во време кога европските авиокомпании се подготвуваат за летната туристичка сезона, која носи значителни приходи.

Според податоците на организацијата ACI Europe, воздушниот транспорт под нормални околности годишно генерира 851 милијарда евра бруто домашен производ и поддржува околу 14 милиони работни места во Европа.

Организацијата предупреди на можни проблеми во летната сезона, со „сериозни економски последици“ за земјите што зависат од туризмот и воздушниот сообраќај, доколку кризата со снабдувањето со енергија продолжи, пренесува Танјуг.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет31 минута

Трамп објави десетдневно примирје меѓу Израел и Либан

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Либан постигнале договор за десетдневно примирје кое ќе стапи на сила вечерва....

Македонија42 минути

Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 25 степени

Утре променливо облачно со сончеви периоди. Во јужните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд и појава на ретки...

Македонија59 минути

Ѓорѓиевски: Вардариште ќе стане минато, започна процесот на одгасување на депонијата

Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега...

Свет1 час

Маѓар до партијата на Орбан: Ќе пожнеете што сте посеале, нема ништо да ви заборавиме

Победникот на унгарските избори, Петер Маѓар, ѝ порача на владејачката партија Фидес, предводена од поранешниот премиер Виктор Орбан, дека нема...

Свет2 часа

Европа би можела да остане без гориво за авиони за шест недели, предупредува директорот на Меѓународната агенција за енергија

Европа би можела да остане без гориво за авиони за само шест недели, предупреди денес директорот на Меѓународната агенција за...

Македонија2 часа

Сиљановска-Давкова со турскиот претседател Ердоган: Турција секогаш била наш близок пријател

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше...

Свет2 часа

Претседателот на Бразил: Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на некоја земја

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, го критикуваше својот американски колега Доналд Трамп велејќи дека тој „нема право“ да...

Македонија3 часа

Минчев на средба со амбасадорката на Грција: фокус на јакнење на капацитетите за стручно усовршување

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска во просториите на Министерството оствари протоколарна средба амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду....

Македонија3 часа

Филков се сретна со граѓански организации за реформите во изборното законодавство

Министерот за правда Игор Филков оствари работна средба со претставници на независните граѓански иницијативи по нивно барање на која се...