Свет
Кси и Санчез ветија продлабочување на врските: „Светот е во хаос“
Кина и Шпанија денеска ветија дека ќе ги продлабочат врските и ќе го заштитат глобалниот мир и развој во време кога меѓународниот поредок „се распаѓа“, изјави претседателот Кси Џинпинг во коментарите за време на состанокот со премиерот Педро Санчез во Пекинг.
Посетата на Санчез доаѓа во време кога многу западни влади се обидуваат да ги одржат врските со Пекинг и покрај долгогодишните безбедносни и трговски тензии, додека расте немирот поради политиките на клучниот сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
„Денешниот свет е во хаос, а меѓународниот поредок се распаѓа“, рече Кси, додавајќи дека подлабоките врски се во интерес и на Кина и на Шпанија. Тој повика на посилна комуникација и доверба за „поддржување на владеењето на правото, заедничка одбрана на вистинскиот мултилатерализам и заштита на глобалниот мир и развој“.
Санчез рече дека меѓународното право „постојано се поткопува“ и повика на поблиски врски за промовирање на мирот и просперитетот. „Ова е попотребно денес од кога било и за да можеме заедно да создадеме уште посилна врска меѓу Кина и Европската Унија“, рече Санчез.
Санчез, кој е најнов во низата посети на Кина оваа година од неговите колеги од Велика Британија, Канада, Финска и Ирска, ја повика втората по големина економија во светот да преземе поголема улога во решавањето на овие прашања. Тие се движат од климатските промени до безбедноста, одбраната и борбата против нееднаквоста, рече тој вчера.
Тој ја повика Европа да ги удвои своите напори бидејќи САД одлучија да се повлечат од многу од овие области. Шпанија е еден од најгласните европски застапници за проширување на трговијата и третирање на Кина како стратешки партнер, а не како економски и геополитички ривал каков што Трамп го гледа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин со делегација од министри и високи функционери пристигна во Кина
Рускиот претседател Владимир Путин ја почна денеска дводневната посета на Кина, каде што со кинескиот лидер Ши Џинпинг ќе разговара за проширување на врските и за горливите глобални прашања, пренесува агенцијата „ДПА“.
Путин е придружуван од делегација составена од министри, бизнис лидери и високи функционери, вклучувајќи ја и гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, како и шефовите на големите енергетски компании како „Гаспром“ и „Роснефт“, соопшти Кремљ.
Поради западните санкции воведени како одговор на руската војна против Украина, многу руски компании станаа зависни од Кина како трговски партнер. Во видеото снимено пред неговото пристигнување во Пекинг, Путин изјави дека е задоволен што повторно ја посетува Кина и ги истакна поблиските контакти меѓу луѓето благодарение на новиот договор за безвизен режим меѓу двете земји. Путин исто така посочи дека обемот на трговската размена меѓу земјите пораснал на повеќе од 200 милијарди долари.
До посетата на Путин на Кина доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на таа земја. Иако се очекува Ши да го информира Путин за тие разговори, официјални лица од Кремљ изјавија дека посетата била планирана однапред и дека не претставува директен одговор на Трамп.
Пекиншкиот „Глобал тајмс“ (Global Times) напиша дека Кина сè повеќе се развива во центар на светската дипломатија. Повикувајќи се на аналитичари, медиумот наведе дека од Студената војна наваму е исклучително ретко една земја да ги прими лидерите на САД и Русија еден по друг во рок од една недела.
Разговорите меѓу Путин и Ши се закажани за утре, а ќе бидат фокусирани на понатамошниот развој на она што двете страни го опишуваат како привилегирано стратешко партнерство, како и на регионалните и меѓународните прашања.
Според Кремљ, лидерите ќе потпишат заедничка декларација и низа билатерални договори. Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека вкупно би можеле да се потпишат околу 40 документи кои ги опфаќаат индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.
Свет
Чешкиот премиер и претседателот во конфликт за тоа кој ќе патува на самитот на НАТО
Чешкиот премиер Андреј Бабиш и претседателот Петр Павел влегоа во отворен конфликт околу прашањето кој ќе ја претставува државата на претстојниот самит на НАТО, кој во јули ќе се одржи во Турција.
Иако Павел, како поранешен генерал на НАТО, редовно присуствуваше на сите самити од преземањето на функцијата во 2023 година, премиерот Бабиш, кој се врати на власт по изборите во 2025 година, остро се противи на тоа. Бабиш тврди дека не е логично претседателот да биде дел од официјалната владина делегација и дека тоа ги прекршува безбедносните протоколи.
Според чешкиот устав, претседателот ја претставува државата во надворешните работи, но за неговите одлуки е потребно одобрение од владата. Ова го остава отворено прашањето дали Павел може да отпатува во Анкара без поддршка од премиерот.
Односите меѓу двајцата лидери се обележани со длабок политички и личен анимозитет уште од претседателските избори во 2023 година, кога Павел убедливо го победи Бабиш. Поранешниот министер за надворешни работи, Јан Липавски, оцени дека зад овој судир стојат исклучиво лични мотиви на премиерот, кој сака да го прикаже претседателот како немоќен.
Како клучна причина за своето заминување, Бабиш го наведе усогласувањето на буџетот за одбрана со барањата на САД. Неговата влада претходно ги намали трошоците за одбрана под границата од 2 проценти од БДП, што е цел на Алијансата.
„Логично е на самитот да одиме јас и министерот за надворешни работи Петр Мацинка за да му го објасниме тоа на претседателот Трамп, а не претседателот Павел, кој нè критикува во странство поради тоа“, изјави Бабиш.
Иако министерството за одбрана во меѓувреме најави итно зголемување на воениот буџет за 822 милиони евра со цел да се исполнат критериумите на НАТО, Бабиш не отстапува од намерата лично да ја предводи делегацијата.
Претседателот Павел изјави дека би било „срамота“ Чешка да не биде претставена од шефот на државата и понуди сам да ги сноси трошоците за патувањето. Доколку владата во јуни донесе одлука со која официјално го исклучува, неговиот тим најави дека ќе покрене уставна тужба за утврдување на надлежностите пред Уставниот суд.
Од НАТО соопштија дека одлуката за тоа кој ќе ја предводи делегацијата е внатрешно прашање на секоја земја членка. Според последните анкети на јавното мислење во Чешка, 57 проценти од граѓаните сакаат на самитот да патува Бабиш, додека 47 проценти сметаат дека таму треба да биде Павел.
Свет
Трамп: Само еден час ме делеше од наредба за напад врз Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Соединетите Американски Држави можеби ќе мора повторно да го нападнат Иран. Тој откри дека бил на само еден час од донесувањето на конечната одлука за напад, пред да реши да ја одложи акцијата.
„Само еден час денеска ме делеше од тоа да донесам одлука за напад“, им изјави Трамп на новинарите во Белата куќа.
Американскиот претседател тврди дека иранските лидери во моментов молат да се постигне некаков договор, но упати и директно предупредување во случај преговорите да пропаднат:
„Доколку не се постигне договор, во претстојните денови ќе уследи нов американски напад“.
Трамп спомена рок од два или три дена – петок, сабота, недела или почетокот на следната недела.
Нападот би бил со ограничено времетраење, со цел да се спречи Иран да развие или да дојде до ново нуклеарно оружје.
За време на истото обраќање, Трамп се осврна и на односите со Куба, изразувајќи верување дека е можен дипломатски договор со владата во Хавана, без оглед на тоа дали таму ќе дојде до промена на режимот.
„Куба нè повикува. Им треба помош. Но, Куба е пропадната нација. На Куба ѝ треба помош и ние ќе го направиме тоа“, рече Трамп.
