Свет
Куба почна разговори со САД
Кубанските власти започнале разговори со американската влада, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел, додека островот се соочува со тешка економска кризa.
„Целта на овие разговори е преку дијалог да се најдат решенија за билатералните разлики меѓу двете земји“, изјави Дијас-Канел во видео објавено на државната телевизија.
Тој рече дека разговорите од кубанска страна ги водел заедно со поранешниот претседател Раул Кастро и други високи функционери на Комунистичката партија, но не прецизирал кои претставници учествуваат од американска страна.
Разговорите се случуваат во период кога Куба се соочува со сериозна економска криза, чести прекини на струјата и недостиг на гориво, дополнително влошени поради притисокот од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Фото: Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Авионска несреќа во Германија: Летало се урна во станбена зона, загинаа две лица
Две лица загинаа кога мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според медиумските извештаи, леталото експлодирало во воздух, а делови паднале врз куќите кои биле во близина.
Портпаролот на полицијата Торстен Мишлер изјави дека според досегашната истрага, двајцата патници во авионот загинале во несреќата, пренесува „Билд“.
Според германските медиуми, уште едно лице е повредено, додека бројни делови од леталото паднале во станбената зона по експлозијата на авионот во воздух.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, а сведоци изјавиле дека авионот пред падот закачил една куќа.
Полицијата соопшти дека на терен се ангажирани бројни екипи на итните служби и дека подрачјето околу местото на несреќата е обезбедено.
Причината за падот на леталото засега не е позната, а истрагата е во тек.
Свет
Се евакуираат девет села во јужен Либан пред најавените воздушни напади
Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа предупредувања за евакуација до жителите на девет села во јужен Либан, пред, како што наведоа, планираните воздушни напади врз Хезболах.
Според воените најави, на жителите на селата Какајет ал-Шубара, Каутариет Ел Сајада, Меруанија, Гасанија, Тефахта, Ирзај, Баблија, Инсар и Ал-Баисари им беше наредено да се повлечат најмалку еден километар од нивните населби, објави „Тајмс оф Израел“.
Портпаролот на ИДФ, полковник Авичај Адраи, рече дека војската дејствува против Хезболах поради, како што рече, кршење на договорот за прекин на огнот, со порака дека операциите не биле насочени против цивили.
Израелската армија објави дека дрон лансиран од Либан активирал сирени во областа на планината Мерон, но дека нема повредени во инцидентот и дека „ситуацијата е завршена“.
Како што претходно денес објави либанската агенција ННА, израелските воени авиони утрово извршија воздушни напади врз градот Џохмор ел Шакиф на југот на Либан.
Според истиот извор, градовите Кфар Тебнит, Арнун и Џохмор ел Шакиф, како и подрачјето на патот Арнун-Кфар Тебнит, биле изложени на силно артилериско бомбардирање.
Израел и Либан претходно се согласија да го продолжат примирјето прогласено од американскиот претседател Доналд Трамп на 16 април за 45 дена, како што објави Стејт департментот синоќа.
Свет
Путин во официјална посета на Кина на 19 и 20 мај
Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Кина на 19 и 20 мај на покана на кинескиот претседател Шји Џинпинг, соопшти денеска прес-службата на Кремљ.
За време на посетата, Путин и Шји ќе разговараат за билатералните односи меѓу Москва и Пекинг, како и за меѓународни прашања, а планирано е да потпишат заедничка изјава и неколку договори, објавија руските медиуми.
Како што е наведено, двајцата лидери ќе присуствуваат и на церемонијата на отворање на Годината на образованието на Русија и Кина за периодот 2026-2027 година.
Како што е најавено, Путин за време на престојот ќе се сретне и со премиерот на Државниот совет на Кина, Ли Чијанг.
